п а р т н е р и
Концепти
пронајди

Концепти

Стратегија на
ФООМ 2014-2017
Strategjia e Fondacionit
Shoqëria e Hapur Maqedoni
2014-2017








 Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ), во рамки на својата стратегија за периодот 2014-2017 година, ќе ги насочи сопствените ресурси и напори кон исполнување на својата долгорочна цел за враќање на демократијата и демократското владеење, и тоа: 

(1) преку поддршка на 12 граѓански организации за унапредување на областите слобода на изразување, младинска ангажираност за општествени промени, унапредување на човековите права во здравството, мониторинг и документирање на човековите права, борба против корупција, буџетска транспарентност; и
(2) преку имплементација на три концепти - Зајакнување и мобилизација на граѓаните, Општина по мерка на граѓаните и Интеграција на Ромите.

Целта на концептот на ФООМ за зајакнување и мобилизација на граѓаните е да придонесе за заживување на демократското владеење. Зајакнатите поединци, неформални групи и граѓански организации координирани во отворена, инклузивна и непартиска платформа, ќе ги актуелизираат акутните и провокативни прашања како одговор на уназадувањето на демократијата. Алтернативните закони и политики развиени на партиципативен начин ќе ги демонстрираат придобивките од граѓанската вклученост и ќе ги мобилизираат актерите на граѓанското општество за преземање акции и зголемено делување за прашања од јавен интерес.

  • ФООМ ќе продолжи со спроведување на Проектот на УСАИД за граѓанско општество до крајот на август 2014 година, обезбедувајќи поддршка за јакнење на капацитетите и спроведување на грантовите на граѓанските организации кои делуваат како демократски јадра, вршат надгледување на власта и спроведуваат заеднички акции.  Ќе продолжи и соработката со Швајцарскиот универзитет од Фрибург за обезбедување техничка помош на институциите во спроведување на истражувачки грантови во општествените науки во рамки на Регионалната програма за поддршка на истражувања.

Концептот Општина по мерка на граѓаните има за цел зголемување на административните и финансиските капацитети на локалната самоуправа и доброто владеење во училиштата, како и зајакнување на граѓанскиот сектор за активно учество во животот на заедницата. Поддршката ќе овозможи учество на граѓаните во процесот на креирање на политиките на локално ниво и подобрување на квалитетот на општинските услуги.

  • Програмата Форуми во заедницата, која се спроведува во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка, ќе го мобилизира граѓанското учество во идентификување на приоритетите за развој на локалната заедница и ќе избере релевантни проекти за финансирање во целните општини. Проектот Пристап до правда во Македонија, поддржан од Европскиот инструмент за човекови права и демократија, има за цел да ги заштити човековите права преку зајакнување на системот за бесплатна правна помош. Проектот „Граѓанско учество за локална демократија” е поддржан од Европската унија и се спроведува во партнерство со Центарот за развој на локалната демократија во општините Струга, Струмица и Центар, од јануари 2016 до јуни 2017 година, со цел зајакнување на влијанието на граѓанското општество во развојот на јавните културни политики и донесувањето одлуки на локално ниво, како и создавање средина која ги охрабрува активностите на граѓанските организации за имплементација на локалните културни политики во споменатите општини.

Интеграцијата на Ромите да се задржи високо на листата на приоритети на националната агенда и по 2015 година и да се забрза исполнувањето на целите предвидени со новата Национална стратегија за интеграција на Ромите се главните приоритети на третиот концепт. Во остварувањето на целта за намалување на расчекорот помеѓу политиките и практиките поврзани со Ромите како предуслов за нивна интеграција, напорите на ФООМ ќе бидат насочени кон јакнење на Ромите за остварување на здравствените права и унапредување на резултатите во образованието, како и кон барање отчетност од Владата при испорака на здравствените и образовните услуги.