п а р т н е р и
Граѓанско општество
пронајди

Граѓанско општество

Во текот на 2011 и на 2012 година во рамки на Програмата за граѓанско општество ќе се спроведуваат следниве потпрограми и проекти:

Граѓани за европска Македонија

Во рамки на оваа потпрограма е создадена иницијативата Граѓани за европска Македонија (ГЕМ), која своето дејствување го почна во 2009 година преку објавување низа манифести, прогласи и декларации и одржување серија дебати низ Македонија. Во наредниот период ќе продолжи поддршката на активностите на оваа иницијатива. ГЕМ ќе го охрабрува критичкото мислење, ќе ги афирмира европските вредности и ќе им овозможува на граѓаните да ги изразат своите ставови преку дебати низ земјава, конференции за печат, објавувања во медиумите и активности за застапување.
ГЕМ клубот, кој беше формиран во мај 2010 година во Старата скопска чаршија, и понатаму ќе овозможува простор за дебати, размена на мислења, културни настани, промоции и презентации. Проевропските граѓански активисти ќе имаат можност за бесплатно користење на просторот и на опремата на ГЕМ клубот, за размена на мислења поврзани со важни прашања во општеството и за промоција на вредностите на отвореното општество.
Интернет-страницата www.gem.org.mk овозможува поширока промоција на активностите и информирање на граѓаните за следните чекори и можности за нивно вклучување во идните активности на ГЕМ. Воедно, ќе биде помогнато и одржувањето на веб-порталот www.okno.mk како интернет-простор што овозможува изнесување критички мислења и ставови од сите сфери на општеството.
Активностите во оваа потпрограма ФООМ ги реализира во соработка со организации во граѓанскиот сектор и со неформални групи што се етаблирани како промотори на вредностите на отвореното општество и коректори на владините акции и кои работат на национално и на локално ниво. Исто така, ФООМ ќе поддржи и иницијативи на неформални групи граѓани, НВО и на поединци во насока на промоција на прогресивни и критички дискусии и реакции за недемократските практики и политики.
Книгата со фрагменти од говорот на омраза во медиумите во 2009 година, наречена „Црната книга“ ќе биде промовирана и дистрибуирана за да предизвика поширока дебата за притисоците, нападите, насилството и за клеветите против тие што мислат поинаку.

Интеркултурни иницијативи

Во рамките на оваа потпрограма ФООМ ќе го промовира интеркултурното разбирање и соработка и ќе продолжи да создава единствен простор за дијалог и за размена на мислења меѓу различни заедници градејќи ја на тој начин заемната толеранција и разбирање. Ќе бидат поддржани иницијативи што стимулираат интеркултурен дијалог и ги надминуваат поделбите во општеството.
ФООМ ќе го поттикнува јавното изразување ставови за значајни прашања преку објавување книги и документи за креирање политики, отворање дебати за контроверзни прашања и за табу-теми и презентирање спротивставени стратегии и мислења. Во текот на 2011 година ќе бидат преведени и издадени неколку книги: „Македонското прашање од 1944 година до денес“ од Чавдар Маринов, „За потеклото на албанскиот национализам“ од Натали Клејер, „Борбата за македонскиот идентитет 1870 – 1912“ од Ник Анастасовски, „Штазиленд“ од Ана Фандер, „Македонските деца - дедовци: Транснационалните политики на спомени, егзил и враќање, 1948-1998“ од Кит Браун. Книгите за чиешто објавување беа доделени грантови во 2010 година („Педагогија на потчинетиот“ од Паоло Фреире и „Рефлексии за антиката“ од Анастас Вангели) ќе бидат издадени и промовирани во текот на 2011 година.
Издавањето и промоцијата на овие и на други книги ќе се користи за отворање критичка дебата за прашања што се важни за демократијата во Македонија (историја, идентитет, интеграција, вклученост, човекови права, толеранција, плурализам, антинационализам, антиксенофобија, антидискриминација).

Култура на руралните заедници

Поддршката на Центарот за современи уметности во напорите да го ревитализира културното наследство на помалите етнички и религиозни заедници во руралните подрачја во земјата ќе продолжи во 2011 година.
Активностите од тригодишниот регионален проект (февруари 2009 – февруари 2012), кој Центарот за современи уметности и партнерските организации го спроведуваат во Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и во Косово,се финансирани од Швајцарската програма за култура на Западниот Балкан и кофинансирани од ФООМ. Проектот има за цел да го анимира културниот живот и да придонесе за развојот на руралните региони на Западен Балкан. Активностите во проектот опфаќаат креирање културни програми во руралните заедници (мобилно кино, изложби, театарски претстави, концерти), развивање капацитети за заедничко планирање и спроведување иницијативи произлезени од заедницата и ефективен пристап за културен и за социјален развој, како и градење капацитети на локалните заедници за нивен натамошен одржлив развој. Регионалната соработка и вмрежување во културната област се поттикнува преку активностите на овој проект. 

Слободни и демократски избори
Поаѓајќи од слабиот демократски капацитет во земјата, автократското владеење и постојаното игнорирање на граѓанското учество во донесувањето одлуки, ФООМ ќе преземе активности насочени кон овозможување фер и демократски парламентарни избори во 2012 година. ФООМ ќе преземе или поддржи акции насочени кон зголемување на демократската свест на граѓаните да имаат активна улога во донесувањето одлука за избор на власта и да бараат траснпарентна и отчетна власт. Воедно, ќе бидат поддржани граѓански акции што ќе ги поттикнуваат граѓаните да го остварат своето гласачко право.
Истите активности ФООМ ќе ги преземе во случај на предвремени парламентарни избори во 2011 година.