п а р т н е р и
Исток-Исток: Прекугранични партнерства
пронајди

Исток-Исток: Прекугранични партнерства

Програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства поддржува меѓународна соработка меѓу граѓанското општество и невладините организации со цел размена на искуства, експертиза и знаење за меѓународно да ги унапреди принципите на отвореното општество.
Основана во 1991 година, програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства е фокусирана кон централна и кон источна Европа и кон централна Азија, особено во контекст на постсоцијалистичка традиција.
Оваа програма е единствена како ресурс и методологија за поддршка на граѓанското општество и на невладините актери. Истата се спроведува во 23 Соросови фондации во Албанија, Азербејџан, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грузија, Ерменија, Естонија, Казахстан, Киргистан, Косово, Летонија, Македонија, Молдавија, Монголија, Полска, Романија, Србија, Словенија, Таџикистан, Турција, Украина, Црна Гора и во Република Чешка. Во Словенија, Русија, Литванија, Хрватска и во Унгарија програмата се спроведува преку институционалните партнерски организации. Дополнителни информации може да се најдат на следнава адреса www.soros.org/initiatives/east.
Програмата доделува финансиска поддршка за реализација на прекугранични иницијативи, кои иницираат меѓународна размена. Програмата обезбедува финансиска поддршка на директните трошоци за организирање меѓународни настани во Македонија и за учество на претставници од Македонија на настани што се спроведуваат во странство.

Програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства не поддржува:

  • светски/годишни конгреси
  • индивидуални патувања за учество на конгреси
  • продукции од уметноста
  • консултантскиангажмани
  • високообразовни истражувања
  • преводи и издаваштво
  • деловни/комерцијални/профитни активности.


Што претставува Исток-Исток: Прекугранични партнерства


Основната идеја на програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерствае “размена на идеи преку движење на луѓето” со цел создавање услови за развој на “пазар на идеи” околу кои актерите од граѓанското општество би можеле да соработуваат и креираат долгорочни перспективи за реализација на агендата за отворено општество.
Оваа програма предвидува прекугранични размени на искуства, пренесување знаење и експертиза, презентирање најдобра практика и научени лекции што придонесуваат за унапредување на отворените општества преку искористување на механизмите на меѓународна соработка и на прекугранично вмрежување.
Програмата поддржува иницијативи што поттикнуваат прекугранични партнерства за да промовираат нови размислувања за постојните предизвици во општествата и нудат алтернативен пристап и перспектива за надминување на проблемите со цел ширење на агендата на отвореното општество.
Програмата поддржува прекугранични проекти што предвидуваат заемно корисно партнерство меѓу актерите од граѓанското општество со цел влијание врз трендовите и процесите во општествата.
Во 2011 година Програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства во Македонија ќе биде фокусирана на поддршка на иницијативи што ќе бидат фокусирани кон:

  • забрзување на интеграцијата во ЕУ преку унапредување на знаењето, вештините и улогата на граѓанските организации во процесот на застапување за интеграција во ЕУ
  • интегрирање на Ромите, младите и на социјалномаргинализираните групи преку нивно оспособување за активно и за ефективно учество во креирањето јавна политика и реафирмирање на вредностите на отвореното општество
  • поттикнување активизам и учество на граѓанското општество во промовирањетои во храбрењето на меѓукултурното разбирање и соработка.


Како може да се добие поддршка од Програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства?


За организирање настани во Македонија
Концептот на проектната идеја или предлог-проектот претставен во проектна пријавата за Програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства
http://www.soros.mk/dokumenti/2009.ee.pbbp.application.doc се доставува во електронска форма до координаторот на програмата: Славица Инџевска sindzev@soros.org.mk и до програмскиот асистент Александар Марковски amark@soros.org.mk.

Програмата користи ефикасни механизми за консултација и за евалуација на поднесената концептна проектна идеја или предлог-проект. Во подготвителната фаза, поднесоците, во рамките на своите ингеренции, ги коментираат координаторот и асистентот на програмата. Откако ќе се усогласи документот, информациите и очекувањата, поднесоците се разгледуваат од страна на советодавната група на програмата во Македонија, која во името на Управниот одбор на ФООМ формира мислење/препорака. Ова мислење/препорака заедно со проектната идеја/проектен документ се презентира по електронски пат пред регионален колегијален панел (програмските координатори од државите во кои се планирани партнерски организации за спроведување на проектот) и пред менаџментот на Програмата (ИОО-Лондон). Откако ќе се обезбеди позитивна евалуација и согласност за финансирање на идејата/предлог-проектот и ќе завршат договарањата со координаторот/асистентот на програмата за финалниот буџет, се потпишува договор за грант.
Реален период за донесување одлука од моментот на поднесување на проектниот формулар е најмалку три месеци пред почетокот на проектот/настанот за кој се бара поддршка. За организирање настани во Македонија програмата финансиски поддржува само директни трошоци за организирање меѓународни настани. Под директни трошоци подразбираме: хотелско сместување за учесниците на настанот, оброци/храна за сите учесниците, освежување за време на одржувањето на настанот, изнајмување простор за одржување на настанот, опрема за озвучување, опрема и услуги за симултан превод, работни материјали за настанот и локален транспорт за учесниците.
Учесниците од странство (земји во кои е активна програмата), своето учество во координација со домаќинот на настанот во Македонија, патните трошоци, трошоците за виза и за џепарлак ги регулираат во својата матична фондација.
Доколку планираниот учесник доаѓа надвор од регионите од интерес на програмата, а програмата не може да обезбеди средства од своите фондови, нив ги обезбедува организаторот/домаќинот на настанот во Македонија. Не е исклучено, иако е прилично ретко, обезбедување присуство и покривање патни трошоци и трошоци за граѓани од ЕУ и пошироко, доколку организаторот обезбеди солидно објаснување за неопходноста на присуството и за неможноста патните трошоци или трошоците за престој во рамките на поддржаниот настан да бидат покриени од други фондови.
Планираниот проектен буџет се претставува во американски долари, а исплатата на одобрениот грант се остварува во повеќе рати во денарска противвредност, според стандардните процедури за реализација на грантови на ФООМ.

Индивидуално учество на настани во странство
Поединците заинтересирани за поддршка за учество на настани во странство треба да поднесат формулар за пријава за индивидуален грант до ФООМ. Овој формулар може да се најде на веб-страницата www.soros.org.mk во делот: формулари. Освен формуларот за пријавување, заинтересираниот поединец треба да достави и:

  • преписка со организаторот на настанот поддржан од програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства
  • покана за учество на настанот
  • лична биографија

Бараните документи се доставуваат до Александар Марковски amark@soros.org.mk најдоцна 10 дена од почетокот на настанот. Потребните документи можат да се достават во електронска форма или лично во канцеларијата на ФООМ најдоцна десет дена пред почетокот на настанот. За учество на настани во држави во кои е потребна виза неопходно е доставување на документите најмалку 3 недели пред почнувањето на настанот. Трошоците за учество се покриваат во согласност со стандардните критериуми и постапки на Програмата Исток-Исток: Прекугранични партнерства. Фондацијата го задржува дискрециското право да не додели грант на подносителот на барањето за поддршка за учество, иако тој/таа е поканет од организаторот на настанот.



Повеќе за програмата:

Одобрени иницијативи 2008 >>>, (.pdf)

Одобрени иницијативи 2009 >>>, (.pdf)

Одобрени иницијативи 2010 >>>, (.pdf)

Одобрени иницијативи 2011 >>>, (.pdf)

Одобрени иницијативи 2012 >>>, (.pdf)

Структура на проектот (формулар/пријава) >>>, (.doc)

Координатори на програмата >>>, (.pdf)