п а р т н е р и
Програма за реформа на јавната администрација и локалната самоуправа
пронајди

Програма за реформа на јавната администрација и локалната самоуправа

Во периодот 2011-2012 година, Програмата за реформа на јавната администрација и на локалната самоуправа продолжува да го следи и да известува за процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, како и да ја набљудува транспарентноста и отчетноста на централната и на локалната власт. Програмата, исто така, се фокусира на јакнење на капацитетите на поединци и на организации на граѓанското општество во неколку подрачја (сектори) важни за претстојните преговори за членство со ЕУ.

Програмски приоритети :

  • Забрзување на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ;
  • Транспарентност и отчетност на централната и на локалната власт.


Програмски цели
:

  • Набљудување на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ и застапување за негово забрзување;
  • Јакнење на капацитетите на поединци и на организации на граѓанското општество за учество и за следење на процесот на преговори за членство во ЕУ;
  • Зајакнување на јавниот притисок за транспарентно трошење на јавните пари од страна на централната и на локалната власт;
  • Застапување за ефикасен процес на децентрализација и за обезбедување подобрени услуги за граѓаните.


Следење на процесот на пристапување

Целта на проектот е оценување на напредокот на Македонија во евроинтеграциите и застапување за забрзување на пристапувањето. Проектот предвидува континуирано следење и анализа на усогласеноста на владините политики и активности со приоритетите забележани од страна на Европската комисија во ревизијата на Пристапното партнерство од 2011 година. Наодите од анализата, како и препораките за подобрување на процесот, служат како основа за аргументирани дебати на теми поврзани со интеграцијата во ЕУ. Се изработуваат тримесечни извештаи од следењето на процесот на пристапување, кои ќе се дистрибуираат до: Собранието на Република Македонија, Владата, општините, граѓанскиот сектор, Мисијата на ЕУ во Република Македонија и до амбасадите на државите - членки во Македонија. Резултатите од следењето на процесот на пристапување редовно се испраќаат до медиумите преку организирање конференции за печатот и редовни информирања со новинарите. Проектот се спроведува во соработка со Македонскиот центар за европско образование.

Јакнење на капацитетите за преговори за членство во ЕУ

Целта на проектот е да придонесе за јакнење на капацитетите на поединци и на организации на граѓанското општество во неколку подрачја (сектори), клучни за процесот на преговори за членство во ЕУ. Во рамки на проектот околу 80 лица ќе поминат пет циклуси општи и специјализирани обуки и притоа ќе се здобијат со продлабочени знаења за ЕУ и за нејзините институции, европските политики и за европското законодавство во областите: социјална политика и вработување, основни (темелни) права и судство, политика на конкуренција, индустриска политика, регионална политика, јавни набавки и сл. Учесниците во обуките ќе се здобијат и со знаења за начинот и за техниката како се спроведува процесот на преговорите за членство и тоа учејќи од хрватското искуство. Проектот се спроведува во соработка со Македонскиот центар за европско образование и Институтот за европска политика од Берлин.

Транспарентно трошење на јавните пари

Проектот има за цел да придонесе за зголемување на информираноста на граѓаните за начинот на кој се трошат јавните пари, а со тоа и за зголемување на јавниот притисок за транспарентност и отчетност за трошењето од страна на централната власт. Проектот претставува продолжување на активноста и на заложбите на ФООМ насочени кон транспарентни и отчетни институции.

Една од задачите на овој проект е да го набљудува и оцени спроведувањето на Законот за јавни набавки преку следење на 160 јавни набавки на годишно ниво, објавени од страна на институциите на власта на централно ниво. Набљудувањето ги опфаќа сите фази од јавните набавки, од објавувањето тендер до потпишувањето на договорите меѓу соодветните органи и избраниот изведувач. Од набљудувањето се подготвуваат квартални извештаи во кои се откриваат слабите страни во системот на јавни набавки и се обезбедуваат препораки за подобрување. Со цел презентирање на наодите во извештаите се организираат конференции за печатот и дебати.

Втората задача на овој проект е да се направи компаративна анализа на наодите во дел од ревизорските извештаи за институциите од централно и локално ниво, изработени во текот на 2008, 2009 и 2010 година. Целта на оваа анализа е да се направи пресек на најчесто идентификуваните проблеми во ревизорските извештаи за транспарентноста на трошењето и управувањето со јавните расходи. Наодите и препораките од оваа анализа ќе бидат претставени и дискутирани на јавни дебати и редовно ќе бидат комуницирани со медиумите. Проектот се спроведува во соработка со Центарот за граѓански комуникации.

Транспарентна и ефикасна децентрализација

Проектот има за цел да придонесе за подобрување на ефикасноста и транспарентноста на процесот на децентрализација и на квалитетот на услугите што им ги обезбедуваат општините на граѓаните. Во рамки на проектот се следи и анализира трендот на фискалната децентрализација и реализацијата на децентрализираните надлежности во областите урбанистичко планирање, образование, социјална заштита, итн., од една страна, но се спроведува и истражување на перцепцијата и на задоволството на граѓаните од децентрализацијата од друга страна и тоа во 12 општини[5]. Наодите од набљудувањето на спроведувањето на децентрализацијата и истражувањето на задоволството на граѓаните се презентираат во квартални извештаи за секоја општина поединечно, а на годишна основа се изработува и компаративен извештај за резултатите од набљудувањето во сите општини. Извештаите се промовираат јавно, а забелешките и препораките служат како основа за јавни дебати. Во рамки на проектот ќе бидат изработени и два документа за јавна политика (policy briefs) со кои ќе бидат развиени препораки за подобрување на децентрализацијата во некои од секторите. Проектот се спроведува во соработка со Центарот за развој на локалната демократија.

[5] Боговиње, Велес, Гостивар, Дебар, Илинден, Карпош, Куманово, Неготино, Охрид, Старо Нагоричане, Струмица, Тетово.

Форуми во заедницата 
Програмата се спроведува преку организирање форумски сесии, каде што општинската администрација и граѓаните ги оценуваат општинските приоритетни потреби. Преку структурирани дискусии тие ги преточуваат локалните приоритети во конкретни проектни идеи и даваат препораки за решавање на проблемите во заедницата. Во текот на последната сесија учесниците на форумот заедно ги избираат најдобрите проекти за финансирање од програмскиот фонд. 
ФООМ е една од спроведувачките организации на програмата Форуми во заедниците, финансирана и управувана од Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Главната програмска цел е да се поддржи развојот на заедниците преку обезбедување активно граѓанско учество во донесувањето одлуки и одговорна и отчетна локална администрација. Моделот на јавно учество во донесувањето одлуки во општините, успешно реализиран во пилот-фазата (2006-2007) беше пренесен во втората фаза (2008-2010). Преку форумите во заедницата, сите засегнати страни дискутираат за проблемите на заедницата, ги идентификуваат приоритетите и развиваат проектни идеи и препораки. Проектите избрани од учесниците на форумот се финансираат од SDC и од општината. Во текот на последната фаза од програмата беа развиени нови модели на форуми: меѓуопштински форум (каде што граѓаните од две соседни општини дизајнираат проекти за решавање заеднички проблеми) и буџетски форум (каде што локалната администрација го презентира трошењето на општинскиот буџет пред граѓаните и ги вклучува во дизајнирањето на буџетот, кој ги вклучува и нивните приоритети).

Повеќегодишната соработка со SDC ќе продолжи со спроведување нова фаза од оваа програма планирана за три и пол години (2011–2014). SDC ќе ја прошири програмата во повеќе од 30 општини со истите пет спроведувачки организации, вклучувајќи ја и ФООМ, преку здружување на проектните средства со општините.