п а р т н е р и
Јавно здравство
пронајди

Јавно здравство

Програмата за јавно здравство го промовира почитувањето и заштитата на здравствените права на социјалномаргинализираните групи преку зголемување на индивидуалните и на институционалните капацитети на припадниците на граѓанското општество за учество во процесот на донесување одлуки при креирањето на политиките за јавно здравство. Исто така, оваа програма се залага за поголема отчетност на владините институции и транспарентност во здравството, особено во однос на услугите што се обезбедуваат за маргинализираните групи. Програмските активности се реализираат во соработка со мрежната Програма за јавно здравство при Фондацијата Отворено општество – Њујорк.

Програмски приоритети:

  • Зајакнување на контролната функција на граѓанското општество
  • Интегрирање на концептитеза здравство и право
  • Заштита на човековите права на социјално маргинализираните заедници

Програмски цели:

  • Следење на транспарентноста и застапување за отчетност на јавно здравствените институции
  • Промовирање на примената на принципите за заштита на човековите права во испораката на здравствените услуги
  • Поддршка на заштитата на здравствените права на маргинализираните заедници преку обезбедување правна помош

Иницијатива за право и здравство (ИПЗ)
Преку имплементирање на интегриран концепт за право и здравство кој промовира недискриминирачки услуги и заштита на правата на социјално маргинализираните заедници, Иницијативата за право и здравство има цел да придонесе кон збогатување на едукативните програми и практики на стручните лица од областите на правото и здравството. Во периодот 2011-2012 година, со цел да го помогне развојот на нова генерација правни експерти во областа на човековите права и здравствената заштита, ФООМ ќе продолжи со поддршка на проектот за Практиканти за право и здравство кој го реализира Центарот за развој на регионални политики и истражување – Студиорум, кој содржи активности за следење на имплементацијата на законската регулатива поврзана со човековите права во здравствената заштита. Во соработка со мрежните програми LAHI/SHARP, ФООМ ќе продолжи со поддршката за правна заштита на сексуалните работници што беа жртви на полициската акција во 2008 година и правна заштита за припадниците од другите социјалномаргинализирани заедници. Исто така, ќе продолжи со реализација и проектот за документирање случаи на прекршување на здравствените права на маргинализираните заедници. Од 2011 година, со цел да се унапреди состојбата во областа на правата на пациентите во ромските заедници, ФООМ ќе почне со реализација на проект за парапрофесионални правни советници во ромските заедници.

Програма за мониторинг на здравствениот буџет и застапување
Проектот за мониторинг на здравствениот буџет и застапување е подпрограма преку која се промовира учество на граѓанските организации во обликувањето на здравствени политики кои ги уважуваат човековите права. Проектот опфаќа: промоција на транспарентноста при јавното финансирање, зголемување на достапноста до клучните информации во здравството, зајакнување на учеството на маргинализираните заедници во дебати за здравствените политики, како и зголемување на ефективноста, еднаквоста и влијанието на трошоците во здравствениот сектор. Во периодот 2011-2012, ФООМ ќе продолжи со поддршката на проектот што ја следи буџетските алокации наменети за здравјето на Ромите, во делот за обезбедување на соодветен буџет за имунизација на децата. Следењето ќе го спроведуваат ромски граѓански организации во пет општини. Резултатите од следењето на спроведувањето на планираниот буџет, ќе бидат основа за застапување за соодветни буџетски алокации потребни за реализирање на имунизацијата на децата Роми. Освен тоа, со цел да се обезбеди одржлива технишка помош во областа на следењето и анализата на буџетите, во 2011 година ќе започне проект за градење на капцитетите на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на Република Македонија – ЕСЕ, преку кој ќе се обезбеди домашен ресусрс за обезбедување техничка помош на граѓански организации заинтересирани за користење на мониторингот и анализата на буџети и врз основа на тоа застапување и менување на состојбите по одредени здравствени прашања.

Иницијатива за достапност на основните лекови
Преку оваа иницијатива се промовира вклучувањето на граѓанските организации во три клучни области: набљудување и обезбедување на транспарентноста на фармацевтската индустрија, застапување за откривање лекови кои го заштитуваат здравјето, и поддршка за градење механизми за рамноправност и ефикасност при обезбедувањето на достапноста на лековите.
Искуствата стекнати од досегашната реализација на оваа програма, упатуваат дека граѓанските организации од областа на здравството немаат соодветни капацитети и свесност за можностите за вклучување на граѓанскиот сектор во процесите на јавна контрола на буџетските средства наменети за набавка и снабдување со основните медикаменти. Оттаму, со цел да го помогне развивањето на капацитетите на граѓанските организации за следење на процесите на набавка, за застапување за транспарентност и отчетност на јавните институции, како и за развивање на правични и ефикасни механизми за обезбедување на достапност на основните медикаменти, во 2011 ФООМ ќе поддржи граѓански организации за реализација на проекти во оваа област.

Програма за сексуално здравје и права
Главна цел на оваа потпрограма е да овозможи зголемување на достапноста на здравствената заштита и да ги унапреди правата поврзани со здравјето на луѓето што се маргинализирани поради своите сексуални однесувања, сексуална ориентација и/или родов идентитет, (сексуалните работници и сексуалните малцинства, геј, лезбијките, бисексуалци и трансродни индивидуи).
Во периодот 2011-2012 година, ФООМ ќе обезбеди техничка и финансиска поддршка за институционално јакнење на капацитетите на Коалицијата за промоција и заштита на сексуалните и здравствените права на маргинализираните заедници за документирање и известување за случаите на прекршување на здравствените права на припадниците на социјално маргинализираните заедници. Со цел да помогне во развивање комуникациска компонента што соодветно ќе ги одрази и поддржува целите на Коалицијата за застапување за човековите права на социјалномаргинализираните заедници, во реализацијата на проектните активности ќе се вклучи и потпрограмата на ОСИ НЅ за медиуми и за здравство.
Во рамките на активностите за периодот 2011-2012 година, со цел да се промовира целосно учество на припадниците на социјално маргинализираните заедници, посебно на сексуалните работници, во развивањето и имплементирањето на политики и практики кои влијаат на нивното здравје и права, ФООМ ќе продолжи со поддршката за градење на капацитетите на Здружението на граѓани СТАР-СТАР кое ги застапува интересите на сексуалните работници.

Програма за здравјето на Ромите

Фокусот на програмата е на заштитата на здравствените права на ромската популација во институциите за здравствена заштита преку промовирање на вклучувањето на ромските заедници во застапувањето за достапност на здравствените услуги и справување со дискриминацијата кон Ромите, како и зголемување на видливоста на пречките со кои се соочува ромската заедница при остварување на здравствените права.
Покрај меѓупрограмските проекти поврзани со прашања за здравјето на Ромите кои се превземаат во соработка со: Програмата за мониторинг на здравствениот буџет и застапување и Програмата за право и здравство, во периодот 2011-2012, ФООМ ќе продолжи со реализација на проектот за ромски здравствени медијатори и проектот за медицински стипендии за Роми. Во партнерство со Здружението на граѓани ХЕРА, ФООМ ќе го поддржува развивањето на македонски концепт за ромски здравствени медијатори преку имплементацијата на наставна програма за ромски здравствени медијатори изработена од експерти од здравствената област и претставници од ромските заедници во текот на 2010. Проектот опфаќа мултисекторско партнерство со релевантните национални здравствени институции и ромските граѓански организации кое се залага за воведување на концептот за ромски здравствени медијатори како составен дел на јавно здравствениот систем.
Главна цел на Програмата за медицински стипендии за Роми е да се зголеми бројот на Роми со завршено медицинско образование кои ќе придонесат за унапредување на пристапот до здравствените услуги за Ромите, преку обезбедување на поддршка за медицинско образование, менторство и обука за здравствено застапување и комуникациски вештини за студенти Роми на медицинските факултети и високи школи; ученици Роми во средномедицинските стручни училишта и лекари Роми на постдипломски студии. За академската 2011-2012 година ќе биде обезбеден соодветен пакет на поддршка кој вклучува финансиска поддршка, менторство и обуки за застапување и комуникациски вештини, за 50 ученици/студенти Роми во Македонија.

Програма за мониторинг на јавното здравство

Програмата за мониторинг на јавното здравство има за цел да ги поддржи граѓанските организации во нивните заложби да бараат отчетност од институциите за резултатите во здравството и испораката на здравствени услуги. Опфаќа мониторинг на заедницата во полето на здравството во облик на систематско документирање на квалитетот и достапноста на здравствените услуги. Критичен елемент во мониторингот на заедницата е поврзаноста со владината одговорност – да распредели и да ги потроши ресурсите (човечки, парични и материјални) на начин на кој приоритет ќе им се даде на потребите на заедницата, за да се развијат политики кои ги почитуваат човековите права и да се спроведат програми на начин кој резултира во достапни, квалитетни услуги. Во текот на 2011, ќе биде реализирана обука за методологијата за спроведување на мониторинг на заедницата со која ќе бидат опфатени граѓански организации кои работат во областа на здравството. Потоа организациите заинтересирани за примена на оваа методологија во практиката ќе имаат можност да аплицираат предлог проекти.