п а р т н е р и
Правна програма
пронајди

Правна програма

Правната програма е посветена на промовирање транспарентност и отчетност на институциите; почитување на човековите права и поддржување на реформите на правниот систем во Република Македонија. Во текот на 2011 и на 2012 година Правната програма на ФООМ ќе биде фокусирана кон остварување на следниве цели: (1) обезбедување транспарентност и отчетност преку поддржување стратегиско застапување со цел намалување на просторот за коруптивни дејства во областа на финансирањето на политичките партии, а насочено кон зголемување на пристапот до информации од јавен карактер; (2) подобрување на заштитата на човековите права преку набљудување на спроведувањето на новововедените механизми за заштита на човековите права и за утврдување на слабостите при нивното спроведување; и (3) поддржување транспарентен процес на приближување на домашното законодавство кон законодавството на ЕУ преку информирање и вклучување на граѓанскиот сектор и набљудување на новоусвоеното законодавство.

Транспарентност и отчетност
Во рамките на оваа потпрограмата, слободниот пристап до информации од јавен карактер ќе биде приоритетна област на која ќе се фокусира ФООМ. Потпрограмата е насочена кон засилување на користењето на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер од страна на граѓаните, со цел зголемување на транспарентноста и отчетноста на имателите на информации. Во соработка со Македонското здружение на млади правници, проектот ќе обезбеди бесплатна правна помош на граѓаните на кои им е одбиен слободниот пристап до информации. Во 2011 и во 2012 година, потпрограмата особено ќе се фокусира на транспарентноста и отчетноста во традиционално чувствителните области како, на пример, финансирањето на политичките партии. Со оглед на тоа дека Република Македонија е потписник на Конвенцијата за слободен пристап до официјални документи на Советот на Европа од 2009 година, потпрограмата ќе преземе активности за лобирање насочени кон побрза ратификација на Конвенцијата. Повеќе информации за оваа програма можете да најдете на www.foi.org.mk.

Поддршка на човековите права
ФООМ, во рамките на оваа потпрограма, ќе го поддржи воведувањето механизми за заштита на човековите права и ќе помогне за нивно засилување, преку олеснување на примената на двата нови закона од областа на заштитата на човековите права: Законот за заштита и за спречување дискриминација и Законот за бесплатна правна помош. Оттука, дел од активностите на ФООМ ќе се фокусираат на развивање стратегиско застапување во случаи на дискриминација преку поднесување предмети пред Комисијата за заштита од дискриминација и пред домашните судови. Развојот на домашната практика ќе биде поттикнат преку обезбедување бесплатна правна помош во стратегиски случаи на евентуална дискриминација, а ќе биде обезбедена во координација со воспоставената мрежа на организации1, кои работат на заштита и на спречување дискриминација. Утврдените слабости од примената на Законот за заштита и за спречување дискриминација ќе послужат како основа за предлог-измени на Законот насочени кон негово подобрување.
Дополнително, организации регистрирани за давање бесплатна правна помош ќе бидат поддржани и врз основа на набљудувањето на нововоспоставениот систем за бесплатна правна помош, кое ќе се спроведе преку набљудување на примената на Законот за бесплатна правна помош и на судските постапки во кои се остварува бесплатната правна помош, а ќе биде изработена и анализа за ефикасноста, квалитетот и за соодветноста на системот. Исто така, проектот ќе им обезбеди правна помош на граѓаните на кои им е одбиено барањето за бесплатна правна помош.

Приближување на законодавството
Оваа потпрограма е насочена кон обезбедување независна експертиза и поттикнување учество на засегнатите страни во процесот на приближување на националното законодавство кон законодавството на ЕУ. Програмата ќе се фокусира на обезбедување примена на стандардите за почитување на човековите права во рамките на нацрт-законодавството, како и на правната рамка што има влијание на граѓанското општество. Правни анализи и мислења и понатаму ќе бидат доставувани до парламентот во поглед на нацрт-законите што ги донесува, а потпрограмата ќе изработува и квартални анализи за резултатите од спроведувањето на неодамна донесени закони. Активностите на ФООМ, спроведени во партнерство со Центарот за човекови права и разрешување конфликти, особено ќе се фокусираат на лобирање за ратификација на Конвенцијата за правата на лицата со посебни потреби на ООН и на независно набљудување на транспарентна и одговорна примена на факултативниот протокол на Конвенцијата против тортура на ООН.

1 Мрежата беше воспоставена во декември 2010 година, а е сочинета од следниве организации: Фондација отворено општество – Македонија; Асоцијација за здравствена едукација и истражување (ХЕРА); ХОПС - Опции за здрав живот; Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија и Здружение за еманципација, солидарност и за еднаквост на жените на Република Македонија (ЕСЕ); Коалиција „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“, и Рома СОС.