п а р т н е р и
Програми
пронајди

СТРАТЕГИЈА НА ФООМ 2014-2017

 
 Преземета го текстот 
на албански јазик





 

Фондацијата Отворено општество - Македонија (ФООМ), во периодот 2014-2017 година, ќе ги насочи сопствените ресурси и напори кон исполнување на својата долгорочна цел за враќање на демократијата и демократското владеење, и тоа: (1) преку поддршка на 12 граѓански организации за унапредување на областите слобода на изразување, младинска ангажираност за социјални промени, унапредување на човековите права во здравството, мониторинг и документирање на човековите права, борба против корупција, буџетска транспарентност; (2) и преку имплементација на три концепти, Зајакнување и мобилизација на граѓаните, Општина по мерка на граѓаните и Интеграција на Ромите, во рамки на својата стратегија.

ФООМ ќе ги поддржи и ќе соработува со клучните организации во секоја од шестте области кои се идентификувани како најзагрозени, а истовремено се и најзначајни за враќање на демократијата и демократското владеење. Селектираните организации имаат релевантна експертиза, пристап до соодветни целни групи, добро изградени коалиции и база на алумни кои им овозможуваат да ги обликуваат сопствените стратегии и да одговорат на можните предизвици и околности.

Целта на концептот на ФООМ за зајакнување и мобилизација на граѓаните е да придонесе за заживување на демократското владеење. Зајакнатите поединци, неформални групи и граѓански организации координирани во отворена, инклузивна и непартиска платформа, ќе ги актуелизираат акутните и провокативни прашања како одговор на уназадувањето на демократијата. Алтернативните закони и политики развиени на партиципативен начин ќе ги демонстрираат придобивките од граѓанската вклученост и ќе ги мобилизираат актерите на граѓанското општество за преземање акции и зголемено делување за прашања од јавен интерес. 

Концептот Општина по мерка на граѓаните има за цел зголемување на административните и финансиските капацитети на локалната самоуправа и доброто владеење во училиштата, како и зајакнување на граѓанскиот сектор за активно учество во животот на заедницата. Поддршката ќе овозможи учество на граѓаните во процесот на креирање на политиките на локално ниво и подобрување на квалитетот на општинските услуги.

Интеграцијата на Ромите да се задржи високо на листата на приоритети на националната агенда и по 2015 година и да се забрза исполнувањето на целите предвидени со новата Национална стратегија за интеграција на Ромите се главните приоритети на третиот концепт. Во остварувањето на целта за намалување на расчекорот помеѓу политиките и практиките поврзани со Ромите како предуслов за нивна интеграција, напорите на ФООМ ќе бидат насочени кон јакнење на Ромите за остварување на здравствените права и унапредување на резултатите во образованието, како и кон барање отчетност од Владата при испорака на здравствените и образовните услуги.

ПОДДРШКА НА OБЛАСТИ ВО 2014 година

Слобода на изразување - Четири портали (plusinfo.mk, portalb.mk, a1on.mk и okno.mk) ќе бидат поддржани со цел да се обезбеди пристап до точни и непристрасни информации, плурализам и неопходна инфраструктура за слободно изразување. Фондацијата Метаморфозис ќе добие поддршка за одржување на постоечките и за создавање нови простори на интернет за засилување на алтернативните гласови и извори на вести и мислења, додека Центарот за развој на медиуми ќе обезбеди бесплатна правна помош на медиуми и новинари и ќе ги искористи своите меѓународни партнерства за застапување против натамошното ограничување на слободата на изразување и медиумските слободи.

Младинска ангажираност за социјални промени - ФООМ ќе го поддржи својот долгогодишен верен партнер, Младинскиот образовен форум, во креирањето и спроведувањето на процесот на зајакнување на младинската ангажираност. Со тоа ќе се постигне унапредување на оваа организација, како и на младинскиот активизам воопшто. Ќе биде обезбедена поддршка на активностите на 12 младински центри низ земјата; воспоставување на плурализам во средношколското и студентското организирање; поддршка на Радио МОФ; и на активностите на Националниот младински совет.

Унапредување на човековите права во здравството - ХОПС - Опции за здрав живот Скопје ќе биде поддржана со цел да се обезбеди бесплатна правна помош за сексуалните работници и корисници на дроги; застапување за правата на малолетни лица-корисници на дроги; мониторирање и застапување за државно финансирање на програмите за намалување на штети. Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ ќе добие поддршка за мониторирање и документирање на прекршувањата на човековите права во здравството; правна помош на трансродови лица; застапување за подобрување на Законот за права на пациенти; јавни дебати за прашањата за сексуалноста во образованието, итн.

Мониторинг и документирање на човековите права - Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија, како една од најпрепознатливите организации за заштита на човековите права, ќе добие поддршка за изготвување на извештаи за состојбата со човековите права; правна помош за 300 лица; мониторинг на 30 судски случаи и изготвување на редовни извештаи; и подигање на свеста за човековите права.

Борба против корупција - Поддршката на Македонскиот центар за европско образование ќе обезбеди увид во прифатеноста на европските вредности во македонското општество; транспарентноста во програмирањето и користењето на ЕУ фондовите; напредокот на земјата во пристапувањето кон ЕУ; и ќе обезбеди обука за 80 претставници од невладините организации и медиумите за ЕУ.

Буџетска транспарентност - Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените на РМ - EСЕ ќе добие поддршка за мониторинг на владините програми за превентивна здравствена заштита и буџетот на Фондот за здравствено осигурување; техничка поддршка за мониторинг и параправни советници во ромски НВОи; обуки за буџетирање и мониторирање во заедниците; и дизајнирање методолошка рамка за пристап кој ги комбинира правното зајакнување и социјалната отчетност.


КОНЦЕПТИ ВО 2014 година

За да го зајакне граѓанскиот одговор на назадувачките демократски практики, концептот на ФООМ за зајакнување и мобилизација на граѓаните: ќе ги зголеми капацитетите на 300 поединци, неформални групи и граѓански организации преку спроведување обуки за стекнување вештини (слободен пристап до информации од јавен карактер; интернет и уличен активизам; стратегии за односи со јавност и детектирање пропаганда); ќе ги консолидира актерите на граѓанското општество во отворена, непартиска, неелитистичка платформа за граѓанска акција, заснована на споделените вредности за отворено општество и солидарност; ќе обезбеди грантови за поединци активни во социјалните медиуми и за локалните активистички јадра; ќе обезбеди информирање и мотивирање на граѓаните преку повеќејазични аларми со наоди од редовниот мониторинг на политиките и законите; ќе продолжи да обезбедува простор и опрема за активностите на граѓанските организации и разни граѓански иницијативи во ГЕМ Клубот во Старата скопска чаршија, а саботните попладниња ќе бидат резервирани за јавни дебати организирани од ФООМ.

Ќе бидат формирани работни групи, составени од претставници од граѓанските организации, активисти, експерти и пратеници, за ревидирање на два закони и развивање на алтернативни закони и политики кои ќе служат како модели на политики за демократско владеење. 

ФООМ ќе продолжи со спроведување на Проектот на УСАИД за граѓанско општество до крајот на август 2014 година, обезбедувајќи поддршка за јакнење на капацитетите и спроведување на грантовите на граѓанските организации кои делуваат како демократски јадра, вршат надгледување на власта и спроведуваат заеднички акции.  Ќе продолжи и соработката со Швајцарскиот универзитет од Фрибург за обезбедување техничка помош на институциите во спроведување на истражувачки грантови во општествените науки. 

Активностите во рамки на концептот Општина по мерка на граѓаните, ќе бидат спроведени во три поголеми, урбани и мултиетнички општини кои изразија подготвеност и посветеност за соработка со ФООМ со цел постигнување на институционална промена и зајакнување на локалната демократија.

Обуките наменети за претставниците на локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и училиштата се очекува да резултира со зголемено учество на овие актери во процесот на креирање политики и нивна имплементација на локално ниво. 240 претставници од локалната самоуправа ќе бидат обучени за стратешко планирање, партиципативно креирање политики, искористување на ЕУ фондовите и креирање комуникациски страртегии; 180 претставници од граѓанскиот сектор ќе стекнат знаења за подобро разбирање на општинските надлежности, политиките за анти-дискриминација и ЕУ фондовите; а 180 преставници од училиштата ќе бидат обучени за демократско управување, социјална правда и креирање развојни училишни планови. Техничка помош за изготвување нацрт-политики за образование, млади, социјална заштита и соработка со граѓанскиот сектор ќе биде обезбедена за секоја од трите општини. Ќе бидат организирани и јавни расправи со цел да се обезбеди отворена дебата за изготвените нацрт-политики по што ревидираните документи ќе бидат испратени до општинските совети на усвојување.

Ќе биде обезбедена финансиска поддршка за отворање на по еден Центар на заедницата во секоја од трите општини, преку кој ќе се овозможи правна и административна помош за граѓаните, неформално образование за младите и возрасните, а ќе служи и како простор за спроведување на активностите на младинските клубови и останатите локални културни и граѓански иницијативи.

Програмата Форуми во заедницата, која се спроведува во соработка со Швајцарската агенција за развој и соработка, ќе го мобилизира граѓанското учество во идентификување на приоритетите за развој на локалната заедница и ќе избере релевантни проекти за финансирање во целните општини. Проектот Пристап до правда во Македонија, поддржан од Европскиот инструмент за човекови права и демократија, има за цел да ги заштити човековите права преку зајакнување на системот за бесплатна правна помош.

Фокусот на концепт за интеграција на Ромите се нееднаквостите во здравството и образованието со кои се соочуваат Ромите. Јакнењето на Ромите за остварување на здравствените права, ќе се реализира во соработка со Програмата за јавно здравство на ФОО преку комбинирање на различни приоди и алатки, и тоа: обезбедување на правна и параправна помош во 8 ромски заедници; континуирано следење на квалитетот на испорачаните услуги поврзани со имунизација и антенатална грижа; обуки за унапредено користење на медиумски алатки за промена на негативното претставување на Ромите; континуирана техничка поддршка и организирање на настани за размена на искуства; и преку пилот проект во кој ќе се практикува комбиниран приод кој ги поврзува концептите за социјална отчетност и правно зајакнување.

Со цел да се постигне јакнење на Ромите за унапредување на постигнувањата во образованието, преку Ромската образовна програма, поддржана од УСАИД, Детската фондација Песталоци и Ромскиот образовен фонд, ќе се постигне зголемување на стапката на ученици со завршено основно образование и ќе се зголеми бројот на дипломирани студенти Роми. Ова ќе се постигне преку обезбедување на директна помош за 800 ученици во основните училишта; 130 стипендии за студенти од различни академски области, вклучително и медицина; и преку дополнителна академска поддршка за 170 студенти која ќе биде обезбедена преку Ромаверзитас. 

Надворешната евалуација и други документи и анализи поврзани со политиките во областа на здравството и образованието, ќе се користат за застапување и барање отчетност и одговорност од Владата во креирањето, буџетирањето и ефективна и првична испорака на здравствени и образовни услуги. Ќе се следи напредокот во однос на имплементацијата на новата Националана стратегија за инклузија на Ромите и ќе се врши постојан притисок за поголема транспарентност, распределба на ресурсите и отчетност на надлежните институции во образованието и здравството.