п а р т н е р и
Образование
пронајди

Образование

Програма за образование на Роми

Програмата за образование на Роми е во последната година од спроведувањето. Програмата е финансирана од УСАИД и од ФООМ, а Ромскиот образовен фонд ја ко-финансира универзитетската компонента. Главната цел на програмата е да ги подобри стапката на задржување и проодност, како и успхот на опфатените деца и млади луѓе. Таа се спроведува преку позитивни интервенции во предучилишното, основното и високото образование.

Околу 180 деца на предучилишна возраст се корисници на активностите на ромските образовни центри лоцирани во пет ромски населби (Дендо вас во Даме Груев, Скопје; Сончогледи во Кланица, Скопје; Врама си во Лозја, Куманово, Кхам во Средорек, Куманово и Помош за хендикепираните и сиромашните во Тризла, Прилеп). Фокусирајќи се на основите од математика и од македонски јазик, како и на развивање на социјалните и на когнитивните вештини, овие центри ги подготвуваат децата за успешен почеток на основното образование.

Ромските образовни центри секојдневно обезбедуваат образовна вон-училишна поддршка за околу 900 деца од основното образование од осум основни училишта вклучени во проектот во пишување домашни задачи и туторство по различни предмети.

Универзитетската компонента на Програмата обезбедува туторска помош за околу 80 студенти Роми од различни академски години и студиски програми. Студентите имаат можност да посетуваат курсеви по англиски јазик и по компјутери, да иницираат и да спроведуваат мали студентски иницијативи и проекти, да учествуваат во обуки за социјална правда и во други обуки на различни теми, а на располагање имаат библиотека и интернет.

Политиките на ЕУ и македонското образование

Образовната политика останува приоритетна област на Програмата за образование и за млади. ФООМ во претстојниот период ќе работи на јакнење на капацитетите за креирање образовни политики што се базираат на докази и на статистика и истовремено ќе ги следи одблиску тековните промени во образованието. Преку студии, анализи и прегледи, ФООМ ќе продолжи да адресира различни прашања за образовни мерки и за политики од различни образовни нивоа, како и да го следи и оценува напредокот и влијанието на образовната реформа од аспект на реперите и политиките за образование и за обука на ЕУ.

Во соработка со Центарот за образовна политика при Факултетот за образование на Универзитетот во Љубљана, ФООМ ќе обезбеди обука за анализирање и за креаирање образовна политика за група од 25 до 30 луѓе (од различни образовни профили, помлади универзитетски наставници, специјалисти за образование, како и практичари).

Целта на ФООМ е да придонесе за информирани одлуки, кои се водени од принципите на ефективност и транспарентност, a се потпираат на еднаквост, рамноправност и на квалитет во образованието.

Проект за образование на Роми – Детска Фондација Песталоци

Проектот за поддршка на учениците Роми од 5 до 8 одделение во основни училишта во Скопје, Куманово и во Прилеп ќе продолжи да се спроведува и во 2011 година со кофинансирање од страна на Детската Фондација Песталоци од Швајцарија.

До крај на учебната 2010/2011 година во партнерство со невладините организации- Дендо вас од Скопје, Врама си од Куманово и Романо про англе од Прилеп проектот ќе продолжи со помош во завршувањето на училишните обврски на учениците Роми во ромските образовни центри. Истовремено ќе се продлабочи воспоставената добра соработка со училиштата при спроведувањето на интеркултурни курикулуми по определени предмети (историја, географија, македонски јазик итн.) и вон-наставни активности што ќе се лобира да станат дел од годишната програма за работа на училиштето во новата учебна 2011/2012 година. Индикаторите за следење и за оценување на квалитетот на работата на училиштето ќе бидат основа за понудена помош и поддршка на училиштата при изготвувањето на нивната годишна програма за работа. Истовремено, со 8 основни училишта ќе се работи на редовна реализација на дополнителната настава за учениците што имаат потешкотии при совладувањето на наставниот материјал.

Со оглед на законските одредби во однос на ингеренциите на локалната власт во областа на образование и нејзините надлежности во планирањето и во одобрувањето на програмите за работа на училиштата, проектот ќе лобира за подобрување на локалните стратегии за образование при што ќе понуди стручна помош за почитување на детските права, инклузија и овозможување пристап до образование и еднакви можности за квалитетно образование на секое дете од општината.

Образование на сиромашни

Проектот е финансиран од страна на Соросовиот ургентен фонд наменет за намалување на последиците од глобалната економска криза. Оправданоста на проектните интервенции се состои во намалување на приватните трошоци на домаќинствата со цел да се промовира и поддржи принципот на еднаквост во образованието како една од основните вредности на отвореното општество. Во текот на двете учебни години 2009/2010 и 2010/2011 година, додека се реализира проектот постојано пристигнуваат дополнителни барања од страна на училиштата за вклучување нови ученици за донација со што се потврди дека трошоците на семејствата за школување на децата се огромно оптоварување на кревкиот домашен буџет.

Во досегашната реализација на проектот се донирани вкупно 59.122 пакети со помошен училиштен прибор и 19.704 ученички ранци за 19.704 ученици од прво до осмо одделение од 309 основни училишта во државата.

Во второто полугодие од учебната 2010/2011 година е планирано сите 19.704 ученици да добијат помошен училиштен материјал, а за учениците од петто до осмо одделение донацијата ќе биде збогатена и со 11.070 географски атласи, кои им се потребни во наставата.

Младите за отвореното општество - локални младински иницијативи

Основна цел на проектот што се спроведува во соработка со „Младинскиот образовен форум“е намалување на јазот меѓу младите и отвореното општество преку континуирана обука и активно учество на младите во лоцирање и во решавање на проблемите.

Преку овој проект младите се оспособуваат за откривање проблеми шро ги засегаат, како и за системско истражување во следниве области: младинско организирање, сегрегација, вклученост во донесувањето одлуки, корупција во образованието, интерктултурните и интеретничките релации. Преку проектот се градат капацитетите за младински активизам и за креирање младински политики во 13 градови (преку локалните младински клубови). Покрај ова, се обезбедуваат и обуки за најразлични вештини и знаења (дебата, права на млади, ЕУ, односи со јавност, нови медиуми, економска и финансиска писменост).

Преку локалните младински клубови се организираат дискусии и заеднички акции кај младите од различни средини и заедници со цел намалување на поделеноста меѓу младите по етничка, културна и по која било друга основа, што ќе придонесе кон зголемување на толеранцијата и на почитувањето меѓу младите.

Дел од активностите на локалните младински клубови се насочени кон обезбедување комуникација и интеракција меѓу младите и државните институции, како и меѓу младите и приватниот сектор, како и на креаирање национална мрежа/коалиција на младински организации, која ќе ги промовира младинските идеи и проекти и ќе бара вклученост во процесите на донесување одлуки.

Промоцијата на креативното изразување кај младите е поттикната преку организација на тематски настани за уметничко и за меѓукултурно изразување, како и преку користење на новите медиуми, кои обезбедуваат алтернативен простор за комуникација (веб, блог, социјални мрежи, радио на интернет, видео-комуникација), е една од клучните цели на проектот.