п а р т н е р и
Заедничка рамка за правно зајакнување
пронајди

Заедничка рамка за правно зајакнување

Во 2016 година, Фондациите Отворено општество (ФОО) започнаа значајна нова заложба за институционализација на основните правни услуги на национално ниво за истите да бидат достапни дури и за најмаргинализираните групи, и тоа во десет држави со ниски, средни и високи приходи. Вакви заложби веќе се спроведуваат во Македонија, Молдавија, Монголија, Непал, Пакистан, Сиера Леоне, Јужна Африка, Украина, САД и Индонезија.

Правно зајакнување е она што се случува кога обичните луѓе, дури и најмаргинализираните, се способни сами да го користат правото за да најдат конкретни решенија за нивните секојдневни правни проблеми и да бараат отчетност од властите. Токму тоа лежи во основата на сите заложби на ФОО, преку решавање на асиметриите на моќ, кревање на гласот на луѓето и обезбедување конкретни начини за тие да ги менуваат нивните општества. Заложбите за правно зајакнување се засноваат врз растечкиот консензус дека правдата и развојот не можат тесноградо да се унапредуваат само со технички решенија, туку се поврзани со промена на односите на моќ. Нашиот приод се стреми кон искористување на универзалната цел на самото право - правото се креира така за да се применува за сите и ја задржува својата легитимност само доколку подеднакво ги ограничува и ги заштитува и моќните и ранливите.

Сиромаштијата и неправдата се тесно поврзани меѓу себе. Обединетите нации проценуваат дека до четири милијарди луѓе во светот живеат вон фер и функционални правни системи. Таквата ситуација непропорционално ги засега сиромашните - без способност да ги заштитат сопствените основни средства, нивните можности за егзистенција се попречени бидејќи инвестициите се премногу ризични; кога луѓето не се чувствуваат физички безбедни, тоа ги спречува да добијат пристап до здравствена нега, образование или најдобро да ги искористат сопствените потенцијали како поединци.

Преку Целите за одржлив развој, државите-членки на Обединетите нации категорично изјавија дека намалувањето на сиромаштијата, одржливиот развој и пристапот до правда се фундаментално поврзани меѓу себе. Како одговор на овај глобален мандат, ФОО започнаа нова иницијатива за правно зајакнување која има за цел институционализација на респонзивни, отчетни, кредибилни и финансиски сигурни системи што нудат правни услуги базирани во заедницата на национално ниво и/или на ниво на конкретни групи на население. 
Работејќи првенствено со модели за правни услуги базирани во заедницата кои комбинираат правници и не-правници за решавање на индивидуалните и проблемите на заедницата, заложбите во сите држави ќе користат комбинација од алатки. Преку широкиот опсег на активности, од правна писменост и помош, до медијација, организирање на заедницата, водење судски постапки и други форми на застапување, нашите заложби ќе се фокусираат на зајакнување на давањето услуги, паралелно со унапредување на системските реформи во интерес на сиромашните граѓани.

Оваа нова иницијатива за правно зајакнување ќе работи на обезбедување широка достапност на таквите услуги на национално ниво и нивно функционирање на финансиски одржлив начин. Премногу често, ваквите холистички правни програми се зависни од донатори и имаат ад хок природа, што пак го ограничува нивниот животен век и ги прави зависни од харизматични поединци наспроти институционалните структури. Во рамките на оваа иницијатива, ќе работиме со владите, граѓанското општество и партнерите-донатори за да ги идентификуваме и унапредиме решенијата за јавни политики кои обезбедуваат широк опфат, независност и одржливост – фактори коишто голем број од независните проекти за правна помош не успеаја да ги постигнат.

Главна цел на Фондација Отворено општествo - Македонија претставува креирање и институционализација на рамка за правно зајакнување засновано во заедницата преку зголемување на постоечките, различни модалитети на обезбедување пристап до правда за потребите на Ромите, сексуалните работници/-чки, корисниците на дроги и другите маргиналзиирани групи, на локално и национално ниво. До крајот на 2020 година, ФООМ очекува воспоставено партнерство помеѓу претставниците на релевантни државни институции, локалните власти и граѓанските организации, обезбедувачи на правна и параправна помош и кои соработуваат во унапредување на финансирањето на правното зајакнување.