|
 |
Настани и новости Медиумско огледало - Архива Архива на Медиумско огледалоМЕДИУМСКО ОГЛЕДАЛО
Медиумите притискаат за решавање на спорот со името
НВО Инфоцентарот и Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО), со поддршка на Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, во периодот од 7 до 20 октомври 2009 година, спроведоа мониторинг на медиумите фокусиран на информирањето за Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2009 година.
Основната цел на ова набљудување на медиумите беше да се анализира квалитетот на информациите објавени за Извештајот од страна на новинарите, Владата, политичките партии и од експертите.
Предмет на анализа беа написите во шест дневни весници („Утрински весник“, „Дневник“, „Вест“, „Вечер“, „Време“ и „Нова Македонија“) и централните информативни емисии на седум телевизии со национална и сателитска концесија (“А1“, „Канал 5“, „Сител“, „Телма“, „МТВ 1“, „Алфа“ и „Алсат“).
Медиумите, во споредба со лани, покажаа речиси двојно поголем интерес за Извештајот на Европската комисија. Зголемениот квантитет на прилози го следеше и подобар квалитет на информирање проследен со значително помалку грешки за евроинтеграциите. Токму затоа можеме да констатираме дека граѓаните годинава имаа можност да добијат повеќе информации за главните наоди содржани во Извештајот на ЕК.
Прочитајте повеќе >>> |  |  |  | МЕДИУМСКО ОГЛЕДАЛО – ИЗБОРИ 2009
Ѓорѓи Иванов му наштети на сопствениот имиџ
НВО Инфоцентарот, во периодот од 9 до 21 март, 2009 година, го спроведе вториот дел од мониторингот на медиуми „Медиумско огледало“, посветен на претседателските и локалните избори 2009. Во набљудувањето се опфатени шест дневни весници и шест ТВ-куќи на национално ниво: „Вечер“, „Време“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Коха“, „Нова Македонија“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, ТВ „АлСат - M“, ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Првичната анализа покажа дека главен акцент во информирањето на медиумите, во вториот дел од изборната кампања, беше ставен врз изјавите и поведението на претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓи Иванов. Голем број новинари и коментатори констатираа дека Иванов самиот си наштети и дека очевидно се труди колку што е можно повеќе да ги избегнува соочувањата како со своите конкуренти- противкандидати, така и со новинарите и медиумската јавност воопшто. Неговото обраќање пред фармерите оштетени во аферата „Сведмилк“ медиумите го опишаа како „фрлање клетва“ и го оценија како скандалозна реторика непримерена за еден претседателски кандидат. Уште поголема критика, Иванов заработи со изјавата дека тој ги поттикнал и им сугерирал на своите студенти да ја потпишат кандидатурата на претседателскиот кандидат на ЛДП, Нано Ружин.
Медиумите продолжија да ја критикуваат Владата, за директното влијание врз изборната кампања во корист на ВМРО-ДПМНЕ. Поголемиот дел од медиумите, активностите на Владата ги оценија како изборен маркетинг бидејќи токму „во екот на предизборната кампања премиерот Груевски пушта во употреба или најавува изградба на разни објекти“. Дел од медиумите ја обвинија Владата дека го впрегна државниот апарат да ја одработи изборната кампања на ВМРО-ДПМНЕ и констатираа дека на ваков начин Владата троши државни пари за партиски цели и притоа целосно го запоставува општиот граѓански интерес.
Дел од медиумите на албански јазик, пак, ја критикуваа Владата дека парите на даночните обврзници - Албанци ги троши во функција на личен рејтинг на Премиерот и констатираа дека „граѓаните со право прашуваат чии пари троши оваа Влада за партиски цели“. Едновремено, и владината политика на интензивно поставување споменици доби меѓуетнички димензии односно дел до медиумите на албански јазик, забележувајќи го трендот на „скулптуроманијата“ што го поттикна власта, го отворија прашањето зошто „во бастионот на скулптуроманијата нема место и за споменик на косовскиот командант на ОВК, Адем Јашари“.
Медиумите кои директно ја поддржуваат Владата, применуваа двојни стандарди во информирањето. Од една страна, тие истакнуваа дека Владата и во ситуација на светска криза обезбедува странски инвестиции (на пример, влезот на приватната турската компанија „Шишеџам“), но од друга страна, ја амнестираа Владата од каква било одговорност за пропаѓањето на определени странски инвестиции, како на пример, „Сведмилк“, потсетувајќи ги фармерите дека „имаат приватен долг од приватна фирма“.
Комплетниот извештај на „Медиумско огледало“ ќе биде објавен најдоцна до 30 март 2009 година и ќе им биде доставен на сите релевантни домашни и странски институции.
Мониторингот на медиуми продолжува и во периодот на вториот изборен круг. Последниот извештај на „Медиумско огледало“ ќе биде објавен до средината на април 2009 година. | |  | |  | |  | | МЕДИУМСКО ОГЛЕДАЛО – ИЗБОРИ 2009
Медиумите се сомневаат во политичкиот интегритет и идентитет на новиот претседател
НВО Инфоцентарот, во периодот од 23 март до 8 април, 2009 година, го спроведе третиот/ финален дел од мониторингот на медиуми - „Медиумско огледало“, посветен на Претседателските и Локалните избори 2009. Во набљудувањето се опфатени шест дневни весници и шест ТВ-куќи на национално ниво: „Вечер“, „Време“, „Дневник“, „Утрински весник“, „Коха“, „Нова Македонија“, ТВ „А1“, ТВ „Канал 5“, „МТВ 1“, ТВ „АлСат - M“, ТВ „Сител“ и ТВ „Телма“.
Анализирајќи ги првичните реакции на опозицијата и експертската јавност по изборот на Ѓорге Иванов за претседател, медиумите се фокусираа на две клучни прашања – легитимитетот и авторитетот на идниот претседател.
Сите медиуми ја нотираа слабата излезеност на албанското гласачко тело во вториот круг на Претседателските избори. Медиумите со големо внимание го опсервираа постигнатиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за соработка во вториот круг на претседателските и локалните избори. Токму тој договор беше предмет и на посебни постизборни анализи, од една страна, поради изборниот неуспех на ДУИ во Тетово и Гостивар, а од друга страна, поради релативно малиот процент на излезност на албанското гласачко тело на претседателските избори. Оттаму дел од медиумите констатираа дека „Ѓорге Иванов е избран за претседател, но без гласовите на Албанците и покрај договорот меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ“, бидејќи „Иванов (и Фрчкоски) не ги придобија албанските гласачи“, а „договорот што јавно го соопштија коалиционите партнери од власта ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е крајно непринципиелно силување на правото на демократски избор“.
Медиумите констатирајќи дека Владата, Премиерот и ВМРО-ДПМНЕ толку многу доминираа и управуваа со изборната кампања на Ѓорге Иванов, отворено изразија сомнеж во самостојноста на идниот претседател, но и во неговиот индивидуален политички интегритет и идентитет.
Инцидентот на плоштадот „Македонија“ беше повод медиумите да упатат сериозни критики кон насилниците кои со шлаканици, тупаници, плукања и навреди ја бранеа инцијативата за изградба на црква на скопскиот плоштад. Бројни критики беа упатени за млакиот однос на власта, но и на премиерот Груевски, зашто според медиумите, „кога студенти се тепаат – премиерот мора да се извини за недемократскиот амбиент поради што и се случила таквата разврска“. Повеќето медиуми ја искритикуваа неефикасноста на МВР, а некои медиуми, ја критикуваа власта за национализам, ксенофобија, авторитарност и тоталитаризам. Забележливо беше и тоа дека дел од медиумите, на ниту еден начин не ја доведуваа владејачката ВМРО-ДПМНЕ во врска со случувањата на плоштадот „Македонија“, туку, целата вина ја лоцираа во опозициската СДСМ. Имаше и такви медиуми кои посочија на „споделена одговорност и на двата субјекта“ за немилите настани.
Општ заклучок е дека солидниот број освоени гласови од партиите и кандидатите кои не се дел од владеачката коалиција и не се наоѓаат во сенката на ВМРО ДПМНЕ – не оставија рамнодушен ниту еден медиум. Во секој случај преовлада мислењето дека постепено почнува да се менува политичкото расположение на граѓаните, но и дека „граѓаните не ја отфрлија опцијата за компромис“ (се мисли на спорот со Грција, б.а.).
Освојувањето на градоначалничкото место во Тетово, за медиумите, претставува „инфузија“ за ДПА особено по расцепот на партијата и заминувањето на дел од членството заедно со потпретседателот Имер Селмани. Медиумите истакнаа дека добивањето на градоначалничката фотеља во Тетово, за Албанците е исто како што е добивањето на градоначалничката позиција во град Скопје за Македониците. Успехот на ДПА во Тетово се поврзува со пасивното однесување на ДУИ, но и со обилните партиски пазарења. Медиумите освен што ги сублимираа експерт¬ските оцени на коментаторите, и дополнително ги подзасилија со сугестијата дека „Селмани ја загрзоува ДУИ“ со која се потенцираше се поголемото значење на Селмани и поради тоа се понезавидната положба на ДУИ.
Комплетниот детален извештај на „Медиумско огледало“ ќе биде објавен најдоцна до 30 април 2009 година и ќе им биде доставен на сите релевантни домашни и странски институции.
|  |  |  |
|
|
назад |
|
|
|
|