Настани и новости
Архива 2004
Архива 2005
Архива 2006
Архива 2007
Архива 2008
Архива 2009
Календар на активности
Програми
За Фондацијата
Конкурси
Публикации
Партнери и донатори (во 2009)
Извештаи
Отворени писма
Линкови
Контакт-информации
Мапа на сајтот
 

 Календар на активности
- Архива на календарот на активности
 
 
 
Metamorphosis, Foundation for sustainable ICT solutions
 
 
 
 
 
 
 
 
World Summit Award
 
 
 
 
 
 
 
 
Antikorupcija.org.mk
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

 

 

Настани и новости

ГОЛЕМ МУЛТИЕТНИЧКИ ХЕПЕНИНГ - ПОД ИСТО СОНЦЕ

дискусии, традиција, фолклор, концерт



majka bend parketi
Beni Kiril


На 4 јули 2009 год, во 12 часот во Автокампот „АС“ во Струга започнува вториот мултиетнички хепенинг „Под исто сонце“. Хепенингот е дел од кампањата за промоција на мултиетничките вредности и поттикнување на меѓусебното почитување на етничките заедници во Македонија. Посетителите ќе имаат можност да се запознаат со културата и традицијата на различните заедници. Ќе бидат претставени народни носии, ракотворби, традиционални јадења и фолклорни игри од различни градови во Македонија.

Настанот ќе го отвори Н.Е. Ерван Фуере, специјален претставник на Европската унија и шеф на Делегацијата на Европската Комисија и ќе го промовира „Водичот за националното законодавство во сферата на употребата на јазиците на етничките заедници во Република Македонија“. Во рамки на хепенингот, во амфитеатарот на Евроколеџот во Струга  ќе бидат организирани две панел дискусии: „Сегрегацијата во образованието – предизвик за мултиетничкото општество“ и „Дали Охридскиот рамковен договор донесе подобрување на меѓуетничките односи?“

Како завршница на еднодневниот мултиетнички хепенинг, со цел создавање простор за дружење на младите, од 20 до 24 часот ќе настапат Мајка бенд, Паркети, Бени & Нон Стоп и Кирил Џајковски.

Влезот за сите посетители на хепенингот е слободен.

Настанот го организира Фондацијата Институт отворено општество – Македонија во рамки на проектот „Живеење во мултиетничка средина – граѓани со еднакви права, можности и заштита“ финансиран од Европската Комисија и ФИООМ.

Флаери и постер за настанот - македонски (кликни на сликата за поголема верзија)
poster flaer 1 mk flaer mk 2


Флаери и постер за настанот - албански (кликни на сликата за поголема верзија)
poster flaer 1 al flaer al 2


Радио спот (македонски)


Радио спот (shqip)


ПРОГРАМА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

Тркалезна маса: Долг е патот до општество базирано на знаење



trkalezna masaВо организација на Фондацијата Институт отворено општество Македонија – ФИООМ, денеска, 30 јуни 2009 година, во салата Дипломатик, на Скопскиот саем, се одржа тркалезната маса „Долг е патот до општество базирано на знаење“.

На тркалезната маса, претставниците од ФИООМ заедно со претставници на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, универзитетите и факултетите во Македонија, УСАИД, Светската банка и други меѓународни организации и донатори активни на полето на образованието расправаа по документот за јавни политики на ФИООМ: Долг е патот до општество базирано на знаење: Македонското образование во светло на реперите и индикаторите на „Образование и обука 2010“-Програма за работа на Европската комисија.

Документот за јавни политики на ФИООМ „Долг е патот до општество базирано на знаење“ ги истражува постигнувањата на македонскиот систем за образование и обука во однос на петте репери за образование на ЕУ; нуди спроредбени податоци за постигнувањата, но и за образовните политики и практики на ЕУ-27 и на другите земји од регионот на Југоисточна Европа, ги анализира сегашните политики и состојби во македонскиот систем на образование и обука и дава препораки за нивно подобрување.

Според наодите во документот македонскиот систем на образование и обука покажува ниски постигнувања во однос на петте клучни репери за образование на ЕУ, македонските образовни политики се неконзистентни, Македонија се соочува со мал опфат на децата во предучилишна возраст, со загрижувачка вертикална мобилност и осипување на учениците во основното и средното образование. Не се применува доследно дополнителната настава предвидена со Законот за основно образование, додека реформите во стручното образование, како и во образованието за возрасните, се одвиваат многу бавно.

trkalezna masaУчесниците на тркалезната маса истакнаа дека наодите во документот не ги гледаат како критика, туку, како желба на ФИООМ за подобрување на македонскиот образовен систем.

Беше истакнато дека за големиот процент на ученици кои прерано го напуштаат образованието причината треба да се бара во нашиот систем на образование кој нема превентивни мерки за осипување на учениците и не е подготвен да одговори на потребите на ранливите групи.

Исклучително ниските резултати во читање со разбирање од македонските ученици (дури 83% постигнаа под ниво 3 на меѓународниото ПИСА тестирање спроведено во 2000 г.), според учесниците на тркалезната маса, укажуваат на слабата ефикасност на македонскиот систем за образование и обука.

Доколку Македонија се стреми да стане општество базирано на знаење, образованието мора да стане еден од клучните приоритети на Владата.
ТВ СПОТ

Мултиетнички хепенинг - Под исто сонце



Македонски



Shqip

ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА

Граѓаните одлучуваат – последна форумска сесија во Општина Ново Село



Forumi vo zaednicata

Во изминатите осум месеци граѓаните на Општина Ново Село дебатираа на тема „Подобрување на комуналната инфраструктура и животната средина“. Беа изработени пет предлог проекти, кои на последната, седма сесија, одржана на 24.06.2009, беа ставени на гласање. На сесијата присуствуваа околу 70 граѓани на Општината. Форумот во Ново Село одлучи да ги поддржи следниве проекти: „Обезбедување чиста вода за пиење во Ново Село“ со вкупен буџет од 5.446.242 денари - носител на проектот е Општина Ново Село; и „Изградба на отворена каналска мрежа во селата Смолари, Дражево и Старо Коњарево“ со вкупен буџет од 3.483.852 денари - носител на овој проект е водната заедница „Стар Дол“ с. Старо Коњарево. Фондот за финансирање на проектите (8.000.000 денари) го обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка (6.000.000 денари) и Општина Ново Село (2.000.000 денари). Имплементацијата на избраните проекти ќе започне во јули 2009
ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА

Граѓаните одлучуваат – последна форумска сесија во Општина Кочани



Forumi vo zaednicata

Последната, седма, форумска сесија во Општина Кочани се одржа на 25.06.2009. На сесијата присуствуваа повеќе од 100 граѓани на општината. Во изминатите осум месеци граѓаните на Кочани дебатираа на тема: „Инфраструктурно уредување на градот и околните населени места“ и изработија 13 предлог проекти, од кои 10 беа ставени на гласање на седмата форумска сесија. Граѓаните на Кочани се одлучија да ги поддржат следниве проекти: „Ограден училишен двор - поголема безбедност“, со вкупен буџет од 2.557.458 денари - носител на проектот е ЦОУ „Кирил и Методиј“; „Санација на спортската сала“, со вкупен буџет од 4.998.472 денари - носител Организација на потрошувачи од Кочани; и „Парк во населбата Калиманова глава“, со вкупен буџет од 1.161.027 денари - носител на проектот е ЗГ „Еднакви за сите“ од Кочани. Фондот за финансирање на проектите (8.000.000 денари) го обезбеди Швајцарската агенција за развој и соработка (6.000.000 денари) и Општина Кочани (2.000.000 денари). Имплементацијата на избраните проекти ќе започне во јули 2009.
ПРОГРАМА РЕФОРМА НА ЈАВНАТА АДМИНИСТРАЦИЈА И ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА

Проект: Отворен државен буџет – мониторинг на јавни набавки



Трибина по повод објавувањето на „Извештајот за резултатите од мониторингот на процесот на јавни набавки во РМ“

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), во соработка со Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), организираше трибина по повод објавувањето на „Извештајот за резултатите од мониторингот на процесот на јавни набавки во РМ“.

Трибината се одржа на 23 јуни 2009 година, во хотелот Холидеј Ин во Скопје.

Анализата на процесот на јавни набавки во Република Македонија е направена врз основа на мониторинг на избран примерок од 40 постапки; анализа на жалбениот процес; серија длабински интервјуа со економски оператори и анализа на сумарните податоци на Бирото за јавни набавки.

Како клучни забелешки кои беа издвоени во анализата се следниве:

• Висок процент на поништени постапки за јавни набавки;
• Широк простор на договорните органи во одредувањето на критериумите за избор на најповолна понуда, кој остава можност за субјективност и злоупотреба;
• Растат бројот и вредноста на склучените договори со постапки за преговарање без објавување на оглас во 2008 во однос на 2007 година.
• Одолговлекување на донесувањето на одлуката за избор на најповолна понуда и до 100 дена;
• Тендерската документација понекогаш се користи како начин за манипулација во постапките за јавни набавки;
• Исклучително мал број на постапки кои се спроведуваат преку Електронскиот систем на јавни набавки (е-аукција);
• Високите банкарски гаранции се проблематични за фирмите;
• Учесниците во тендерите не добиваат образложение за донесените одлуки за избор на најповолна понуда;
• Одолговлекување на реализацијата на доделените договори за јавни набавки и доцнење со исплата на парите;
• Економските оператори го оценуваат со просечна оценка 2,93 спроведувањето на постапките за јавни набавки;
• Државната комисија за жалби по јавни набавки (ДКЖЈН) донела мал број решенија со кои се поништуваат првостепената одлука и постапката надоговорниот орган;
• Економските оператори доставуваат мал број на жалби.

На трибината како воведничари говореа:

Сабина Факиќ и Герман Филков, координатори на проектот; Вања Михајлова, антикорупциски експерт и член на работниот тим на проектот и Томе Неновски, професор на Американскиот универзитет и член на работниот тим на проектот.

Свое активно учество во дебата зедоа и претставници од Бирото за јавни набавки, од Државната комисија за жалби по јавни набавки, Државната комисија за спречување на корупцијата, стопанските комори и невладиниот сектор.


Преземете го Извештајот

Аудиозапис од трибината

ПРАВНА ПРОГРАМА

ФИООМ го поздравува потпишувањето на првата во светот Конвенција за пристап до официјални документи



Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), го поздравува чинот на потпишување на Конвенцијата на Советот на Европа за пристап до официјални документи од страна на државните власти на средбата на министри за правда одржана вчера, 18.06.2009 година, во Тромсо, Норвешка.

Македонија, Бугарија, Грузија, Естонија, Литванија, Норвешка, Словенија, Србија, Унгарија, Финска, Црна Гора и Шведска се дванаесетте држави членки на Советот на Европа потписнички на Конвенцијата која треба да придонесе кон зголемување на транспарентното работење на властите во што е можно поголем број европски држави. Истовремено, ФИООМ заедно со своите партнери од Европа ги повикува останатите 35 земји-членки да ја покажат својата посветеност за транспарентност и да ја потпишат и ратификуваат конвенцијата.

ФИООМ со своите партнери од Европа активно учествуваше во процесот на преговори на текстот на Конвенцијата и уште тогаш, поддржана од македонските власти, лобираше за нејзино подобрување.

ФИООМ ја поттикнува Владата и Собранието на Република Македонија во најкус рок да ја стават на дневен ред на Собранието ратификацијата на Конвецијата, вклучително и факултативните одредби. Со ратификацијата, Македонија ќе продолжи да биде лидер во промовирањето на правото на слободен пристап во европски рамки.

Пратениците на Република Македонија, во Советот на Европа, покажаа висока сензитивност по однос на прашањето на квалитетот на Конвенцијата и лобираа за нејзино повисоко усогласување со домашното законодавство во поглед на пристапот до информации од јавен карактер. ФИООМ и во иднина ќе ја следи работата на Владата и Собранието на Република Македонија во поглед на ратификацијата, а потоа и примената на Конвенцијата во домашното законодавство.
„ГРАЃАНИ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА“ НА ТРИБИНА ВО ПРИЛЕП

Граѓаните треба да бараат остварување на ветениот економски развој



Во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, на 15 јуни 2009 година, иницијаторите на „Граѓани за Европска Македонија“ (Владимир Милчин, Жарко Трајаноски, Бранко Героски, Роберто Беличанец и Мерсел Биљали) заедно со Дамјан Здравев од „Плоштад слобода“ дебатираа со граѓаните за актуелните состојби и европските перспективи на државата.

Присутните на дебатата сметаат дека во Македонија недостига граѓанска свест и гласен отпор против сите одлуки на власта кои не се во корист на граѓаните. Но исто така, признаваат, дека молчењето и стравот да се реагира не смеат да бидат оправдување. Таквото однесување само оди во прилог на недемократските процеси кои ги практикува Владата, а политичкиот активизам не смее да стане привилегија на политичките партии.

Граѓаните се жалат дека трпат политичко малтретирање во сите сфери на живеењето, а најмногу на работните места. Во Прилеп, каде што поголем дел од работоспособното население работи во државната администрација, притисокот станува неподнослив, па од тука и стравот да се проговори гласно за проблемите. За присутните прилепчани, приклучувањето кон иницијативата за европска Македонија е едно од решенијата и начините како да се вклучат активно во градењето на политиките од интерес за сите и јавно да ги искажат своите ставови. Граѓанска одговорност е да се бара остварување на ветениот економски развој од страна на политичките елити.

Присутните се осврнаа и на актуелните прашања и проблеми во Македонија. Сметаат дека не постои над-партиска стратегија за името и затоа проблемот останува нерешен. Исто така сметаат дека прашањето за идентитетот мора да остане надвор од секоја политичка дебата.

За деведесетината прилепчани, присутни на дебатата, процесот на приближување на државата кон Европската Унија значи процес за економска стабилизација, но и процес кој ќе придонесе во етничкото приближување и подобрување на соживотот.
ДВИЖЕЊЕТО ГРАЃАНИ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА НА ТРИБИНА ВО КРИВА ПАЛАНКА

Патриотизам е да се верува во европската иднина на Македонија



VAN_1963На 10 јуни 2009, во салата на Советот на општината во Крива Паланка, иницијаторите на движењето Граѓани за Европска Македонија (Никола Гелевски, Жарко Трајаноски, Бранко Героски, Роберто Беличанец и Мерсел Биљали) заедно со Ирена Цветковиќ од „Плоштад слобода“ дебатираа со граѓаните на Крива Паланка, Кратово и Пробиштип за состојбите и европските перспективи на државата.

Граѓаните се едногласни во констатацијата дека состојбата во Македонија е алармантна, а тешките и сериозни вистини за кои не се говори, се скриени со пропаганден ѕид кој го гради Владата. Живееме во време кога со празни зборови нè убедуваат дека нè носат поблиску до ЕУ и НАТО, а воопшто не се работи на продлабочување на врските со земјите членки на унијата. На граѓаните им е јасно дека во долгогодишните меѓупариски пресметки настрадаа идејата за Европа и европските вредности. Наместо да се промовираат плурализмот и толеранцијата и да се работи на што побрз влез во Европската унија и НАТО алијансата, македонските политичари се поставуваат како „бранители на идентитетот“, а самите тие го ставаат под прашање идентитетот на државата.

VAN_1929Присутните на дебатата не се оградија од одговорностите што сите како граѓани мора да ги преземеме. Сметаат дека покрај лошите политики и спорот со Грција, и граѓаните, со своето молчење, се виновни за состојбите во државава. Отворено да се прозбори за клучните проблеми, да не се верува на пропагандата, да се изврши притисок врз властите и да направиме сè што е возможно за побрзо да влеземе во ЕУ и НАТО е чин на врвен патриотизам, заклучија присутните граѓани.

Кривопаланчани истакнаа дека не смееме повеќе да се правдаме, а стравот од партиски реваншизам да биде оправдување за молкот на граѓаните. Единствено заедно, со упорност, самоорганизирање, поддршка, солидарност и размена на идеи и информации, граѓаните ќе може да влијаат врз градењето политики и правецот по кој се движи државата.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА ВО КРАТОВО


По еден месец, 14 дебати и многу пoминати километри, Ден II од Акција за Европа заврши на 1 јуни, со дебата во Кратово, на која учествуваа: Дариуш Карол Бахура, амбасадор на Полска во Република Македонија, Соња Бонет, претставник од амбасада на Германија во Република Македонија и Мите Андоновски, градоначалник на Општина Кратово.

Амбасадорот Бахура зборуваше за пристапувањето на неговата земја во Европската унија, нагласувајќи дека неговите сонародници, во почетокот, биле скептични околу предностите на вклучувањето во ЕУ, но сега се едногласни дека е тоа исклучително позитивен чекор. На економски план, тој нагласи дека невработеноста се намалила за речиси половина, а дека просечната плата од 500 евра, во 2004 година, се зголемила на 900 евра, во 2009 година.

Соња Бонет во својата дискусија се фокусираше на предностите од програмите за размена, со кои се олеснува размената на знаење и искуство, и од кои малите гратчиња како Кратово може да имаат голема полза. Таа зборуваше и за „твининг“ проектите, со кои се овозможува развој на нови способности, или проекти од типот на Еразмус и други програми за размена на студенти, кои им овозможуваат на младите да го збогатат не само процесот на учење, туку и нивниот личен развој. Според Бонет Македонија нема друг пат освен патот кој води кон Европската унија.

Граѓаните на Кратово дискутирајќи за своите очекувања од ЕУ најмногу беа заинтересирани за: процесот на визна либерализација и дипломатските односи со Грција. Според амбасадорот Бахура визната либерализација е процес кој се разликува од пристапувањето во ЕУ и дека Македонците не смеат да мислат дека евроинтеграциите се завршена работа откако ќе се случи визната либерализација. Што се однесува до спорот со Грција, Бахура рече дека минатото е важно, но дека тоа не смее да го компромитира развојот на земјата. Тој нагласи дека Европа денес би била многу поразлична доколку била свртена кон минатото и констатира дека Македонците наскоро ќе научат дека компромисот е клучен збор во големото европско семејство. Амбасадорот Бахура истакна и дека луѓето не треба да ја мешаат политиката со историјата, велејќи дека Полјаците сега имаат добри односи со соседите Германци, со кои имале многу тешко минато.

Македонскиот центар за европско образование и ФИООМ, во септември, годинава, повторно ќе тргнат на пат со Ден III од Акцијата за Европа.
ГРАЃАНИ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА НА ТРИБИНА ВО ВЕВЧАНИ

Во Македонија е тешко да се биде политичко малцинство



Граѓанската иницијатива „Граѓани за Европска Македонија“ (Бранко Героски, Владимир Милчин, Роберто Беличанец и Мерсел Биљали, заедно со Никола Наумоски од „Плоштад Слобода“), на 29 мај 2009 година во општинската сала, одржа трибина со граѓаните на Вевчани.

Присутните на дебатата во Вевчани ја делат загриженоста за насоката во која се движи Македонија и забележуваат дека како што растат проблемите на граѓаните, така се намалуваат можностите за нивно решавање. Сметаат дека во земјава се губи демократскиот амбиент и тешко се слуша гласот на народот, а евидентен е и недостатокот на реакции од интелектуалците. Како и граѓаните од други општини низ Македонија, и вевчанци нагласија дека е тешко и некомотно да се биде политичко малцинство во услови кога власта води политика на лична дискредитација кон сите оние кои јавно го кажуваат својот став и отворено ги преиспитуваат владините одлуки и политики. Сметаат дека Владата станува се помолчалива и води анонимни политики и кампањи без потпис и идентитет, користејќи ги медиумите како главна и силна алатка. Не постои јавна и отворена дебата за важни прашања, а граѓаните се уплашени и тешко го креваат својот глас.

На последните избори во Македонија победи евроскептицизмот, а Владата продолжува да ги лаже граѓаните дека ЕУ и НАТО се нејзин главен приоритет. Но, наместо да ги решава проблемите и прашањата кои побрзо ќе не внесат во ЕУ и НАТО, во моментов ја истакнува визната либерализација како единствено значајна за граѓаните.

Граѓаните на Вевчани се свесни дека за Македонија во моментов се битни три работи, влез во ЕУ и НАТО и потпишување аранжман со ММФ. Влезот во НАТО значи гаранција за безбедноста на државата, а тоа ќе донесе инвестиции и развој. Влезот во ЕУ значи економски развој, решавање на социјалните прашања и повисок стандард за граѓаните. А за да го добиеме ова Македонија треба да обезбеди правна држава, независна државна администрација, слободни медиуми, непречен демократски развој и дијалог. За жал на ова поле Македонија стагнира, истакнаа граѓаните на трибината.

Граѓанската иницијатива „Граѓани за Европска Македонија“ ќе продолжи со трибини и средби со граѓаните низ Македонија и во јуни.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА ВО БИТОЛА


Акција за Европа , на 29 мај, 2009 година, во Битола, организираше дебата за Европската унија и процесот на пристапување, на која учестуваа Бернар Валеро, амбасадор на Франција во Република Македонија и Владимир Талевски, градоначалник на Општина Битола.

Амбасадорот Валеро зборувајќи за предизвиците што со себе ги носат евроинтеграциите на Македонија нагласи дека Европската унија го поттикнува развојот на регионите и дека води политика за елиминација на регионалните разлики. Според Валеро, економскиот стандард е исклучително важен општествен сегмент, но дека за развојот на едно општество важни фактори се на пример, и образованието, транспортниот систем, квалитетот на живот на граѓаните воопшто.

Градоначалникот Талевски, пак, истакна дека Битола е пример за прекугранична соработка со Грција и Албанија и дека интеграцијата на Македонија во Европската унија претставува најголем приоритет.

Присутните граѓани активно се вклучија во дебатата и особено беа заинтересирани да добијат повеќе информации за стандардизацијата на системот на високо образование во Европа. Амбасадорот Валеро зборувајќи за добрите и лошите искуства на Европската унија, нагласи дека мобилноста на студентите и размената на знаење и искуства е исклучително важна и дека има многу повеќе предности отколку недостатоци.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА ВО РЕСЕН


resen 1 Македонскиот центар за европско образование, во рамките на Ден II - Акција за Европа, на 27 мај, 2009 година, организираше дебата во општина Ресен, на која учествуваа Александра Пападопулу, амбасадорка на Република Грција во Република Македонија и Михаил Волкановски, градоначалник на општина Ресен.

Амбасадорката Пападопулу зборувајќи за евроинтеграциите нагласи дека граѓанското општество има исклучително важна улога и дека треба активно да се вклучи во овие процеси. Според Пападопулу, македонските граѓани се уште не се свесни што значи членството во ЕУ и дека токму затоа граѓаните треба да добиваат многу повеќе информации за евроинтеграциските процеси и за ЕУ воопшто.

resen 2 Пападопулу зборувајќи за евроинтеграциските искуства на Грција нагласи дека грчкото општество и грчките граѓани поминале низ многу промени, но дека најважната промена се случила во менталитетот на луѓето.

Дискутирајќи за евроинтеграциите на Македонија, присутните граѓани на општина Ресен најмногу внимание му посветија на национализмот и на негативните последици што тој ги предизвикува за евроинтеграциските процеси.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА ВО СТРУГА


Фондацијата Институт отворено општество Македонија и Македонскиот центар за европско образование, во рамките на Ден II - Акција за Европа, на 23 мај, 2009 година, организираа дебата во општина Струга, на која учествуваа Адриан Стефан Константинеску, амбасадор на Романија во Република Македонија и Рамиз Мерко, градоначалник на општина Струга.

Амбасадорот Константинеску, во своето обраќање се осврна на важноста придобивките на процесот на пристапување во ЕУ од аспект на економскиот развој на земјава, истакнувајќи го притоа позитивниот пример на Романија.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, истакна дека меѓунационалните односи и соживотот во Струга се многу порелаксирани и подобри од општиот впечаток што се пласира во медиумите. Тој исто така се осврна и на успешната соработка помеѓу локалната самоуправа и граѓанските организации, нагласувајќи дека така општината им помага на организациите полесно да стигнат до претпристапните фондови на унијата.

Граѓаните, присутни на дебатата, своите дискусии најчесто ги насочуваа кон прашања поврзани со рамковниот договор и меѓунационалните односи, прашањето со името како и актуелното прашање за визната либерализација. За младите стружани најинтересна е визната либерализација и како да се стигне до европските стипендии. Евидентно е дека младите не се доволно информирани што во суштина ќе претствува визната либерализација, а имаат и потешкотии со прибирањето податоци за европските универзитети, начините за аплицирање и секако пристапот со финансиски средства од ЕУ за образование.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА ВО ДЕБАР


debar 1 ФИООМ и Македонскиот центар за европско образование, во рамките наДен II – Акција за Европа, на 22 мај, 2009 гoдина, одржа дебата во општина Дебар, на која учествуваа Ерван Фуере, шефот на мисијата на ЕУ во Македонија, Аргетим Фида, градоначалник на општина Дебар и Владимир Милчин, извршен директор на Фондацијата Институт отворено општество – Македонија.

Амбасадорот Фуере во својата дискуија се фокусираше на процесот на децентрализација и на тоа колку е важно Македонија да продолжи со спроведувањето на реформите. Според него, децентрализацијата е важна затоа што таа овозможува процесот на донесување одлуки да им се доближи на самите граѓани кои најмногу и ги чувствуваат донесените одлуки и нагласи дека е тоа особено важно за градовите како што е Дебар односно за мулти-етничките заедници. Според Фуере меѓу-општинската соработка мора да се зајакне и дека Владата и општините мора заеднички да работат на создавањето професионална и деполитизирана јавна администрација.

Едновремено, Фуере нагласи дека Македонија не смее да си дозволи разликите меѓу партиите да предизвикаат недостиг од комуникација којашто би го спречила процесот на децентрализација.

debar 2 Градоначалникот Фида, пак, истакна дека општина Дебар активно го поддржува процесот на децентрализација и дека особено внимание и посветува на обуката и едукацијата на својата администрација. Фида, исто така, ја истакна важноста на пренесувањето на процесот на донесување одлуки на локално ниво, поблиску до граѓаните и дека во Дебар овој процес се проширил на сите заедници.

Присутните граѓани особено во своите дискусии особено внимание му посветија на спорот за името со Грција и на улогата на албанската заедница во контекст на ова прашање, но и во општеството како целина. Граѓаните истакнаа дека само со вклучување на сите заедници Македонија ќе може да ги исполни критериумите за членство во Европската унија. Што се однесува до спорот за името, Фуере истакна дека е од суштинско значење да се знае како да се сослушаат сите засегнати страни, и ја наведе неговата родна земја, Ирска, како пример за тоа како отворените преговори и компромисот може да резултираат со задоволително решение.
ДВИЖЕЊЕТО ГРАЃАНИ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА НА ТРИБИНА ВО КАВАДАРЦИ

Приближувањето кон Европа ќе ги дисциплинира политичките мафии



Иницијаторите на движењето Граѓани за Европска Македонија (Никола Гелевски, Владимир Милчин, Бранко Героски, Роберто Беличанец и Мерсел Биљали) на 27 мај 2009 во салата на Општина Кавадарци се сретнаа и дебатираа со граѓаните од Кавадарци и Неготино.

На дебатата, присутните граѓани истакнаа дека влезот во ЕУ и НАТО ќе ги гарантира елементарните човекови права во Македонија. Неопходно е континуирано да се зборува за европските вредности и европеизацијата на Македонија. Само информирани граѓани, свесни за придобивките од приближувањето кон ЕУ можат да се справат со владините кампањи и медиумскиот притисок. Граѓаните се сомневаат дека на власта не и одговара Македонија да стане членка на Европската Унија. Влезот во ЕУ значи примена на европските стандарди и правила, а тоа е единствениот начин да се дисциплинираат политичките мафии. Граѓаните очекуваат продлабочување на финансиската криза, што може да се намали со склучување аранжман со ММФ. Македонија не смее да остане црна дупка во регионот, опкружена со земји кои напредуваат во својот развој.

Според присутните, Владата единствено има воља да владее, а вредностите што самата ги пропагира, не ги почитува. Граѓаните ги оценија владините кампањи и методи како недемократски. Сметаат дека со дела, нови инвестиции и работни места, а не со популистички кампањи Владата треба да не направи оптимисти и да се справи со сиромаштијата во која тонеме.

За Кавадарчани, како и за граѓаните од другите општини во Македонија, тешко и ризично е да се биде политичко малцинство. Се плашат дека Македонија станува нетолерантно општество, а граѓаните губат волја политички да делуваат. Сметаат дека во услови кога Владата има селективен пристап и е наклонета единствено кон про-владините организации, граѓаните треба да се охрабрат и да се приклучат на иницијативите кои веруваат во духот на независноста, солидарноста и поддршката.
ДВИЖЕЊЕТО ГРАЃАНИ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА НА ТРИБИНА ВО БЕРОВО

Заедно и гласно против партиската подвоеност



berovo 1Иницијаторите на движењето Граѓани за Европска Македонија (Никола Гелевски, Владимир Милчин, Бранко Героски и Роберто Беличанец) на 22 мај 2009 во општинската сала во Берово се сретнаа и дебатираа со граѓаните на Берово.

Граѓаните, присутни на трибината, сметаат дека децентрализацијата е сеуште само политичка мамка, додека власта сака да владее централизирано. Централистичкиот пристап на владеење не им дозволува на граѓаните автономно да одлучуваат за интересите на локалната заедница и го убива чувството на гордост, интегритет и самостојност. Граѓаните нагласуваат дека Македонија мора да го прифати регионалниот пристап на децентрализација, а помошта за успешно спроведување ќе дојде од Европската унија. Се жалат дека во Малешевијата како времето да застанало, а со природните богатства на регионот се управува од Скопје. Сметаат дека ингеренциите за тоа мора да ги има локалното население кое треба да ги насочува локалните ресурси и да го креира амбиентот на живеење.

berovo 2Присутните на трибината заклучија дека во време кога власта игра на картата на традицијата, црквата и античкото потекло, од нација се претвораме во народ, па племе, за на крај да завршиме како орда. Не смееме да дозволиме Македонија да остане црна дупка во регионот, а народот не смее да се самозалажува дека сме во состојба да живееме сами.

Додека во Албанија, Србија и Босна и Херцеговина, странските инвеститори се потпираат на аранжманите со ММФ, во Македонија сме соочени со ирационални тврдења дека потпишувањето на аранжман со ММФ е непатриотски чин, а расфрлањето со парите на граѓаните се лиферува како патриотски чин. Присутните на трибината се согласија дека штетите можат да се намалат само со приближување кон ЕУ, НАТО и соработка со ММФ. Тоа е единствениот начин да се дисциплинираат политичките мафии кои веќе подолго време владеат со Македонија.

Беровчани прозборија и за стравот на граѓаните отворено да говорат за проблемите и да го искажат својот став и несогласување со власта. Нагласија дека партиската подвоеност е навлезена во сите пори на живеењето, а на локално ниво е уште потешко, заради локалните моќници кои санкционираат секаков вид отпор и несогласување. Истакнаа дека за време на изборната кампања притисокот се вршел од врата на врата. Сметаат дека денеска е опасно да припаѓаш на политичко малцинство, да бидеш опозиција или да размислуваш поинаку.

Граѓаните од Берово, кои го поддржуваат движењето Граѓани за Европска Македонија, нагласија дека мора да се оттргнеме од летаргијата и гласно да го искажеме незадоволството. Ако не се побуниме, ќе бидеме народ кој заслужува таква Влада.
ДВИЖЕЊЕТО ГРАЃАНИ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА НА ТРИБИНА ВО ГЕВГЕЛИЈА

Без граѓански иницијативи нема демократија во Mакедонија



Tribina_Gevgelija_GEM_004Синоќа, во преполната сала на „Пионерскиот дом“, иницијаторите на движењето Граѓани за Европска Македонија (Никола Гелевски, Владимир Милчин, Бранко Героски, Жарко Трајаноски и Роберто Беличанец) разговараа со граѓаните на Гевгелија за актуелните проблеми и за европските перспективи на Македонија.

Присутните на трибината сметат дека актуелната Влада води аматерска политика во однос на преговорите за името на државава. И покрај тоа што Груевски изјавува дека сака да го реши проблемот со името на државата, не сака сам да ја понесе политичката одговорност. Оттаму и обидите на власта евентуалното решение за името да се легитимира од граѓаните преку референдум. Учесниците нагласија дека една од манипулациите што власта ги прави преку прашањето на името е и поврзаноста на уставното име со борбата за идентитетот на македонскиот народ. Со божемната борба за името и идентитетот, оваа Влада ја покрива неспособноста да се справи со сиромаштијата, невработеноста и слабата економија.

Tribina_Gevgelija_GEM_019На граѓаните, присутни на трибината, јасно им е дека визната либерализација не значи и исполнување на условите за влез во ЕУ. Остануваат уште многу отворени прашања кои треба да се решат, посебно оние поврзани со Охридскиот договор. Граѓаните се плашат дека на актуелната власт не и одговара Македонија наскоро да го започне процесот на преговори за влез во ЕУ, затоа што тогаш ќе започне и процесот на внимателно набљудување на работата на власта од страна на ЕУ. Во услови кога Владата ужива во „неподносливата леснотија на постоењето“ и никој не ја контролира нејзината работа, постои расчекор меѓу она што го ветува и она што го прави. Доколку не се потпише нов аранжман со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) граѓаните тешко ќе можат да се изборат со расфрлањето на пари од буџетот што ги прави Владата.

Една од констатациите на трибината беше дека во владината политика постои микро-таргетирање, од кое не е поштеден ниту еден граѓанин. Микро-таргетирањето, карактеристика на тоталитарните режими, во комбинација со стереотипите дека сме „мали“ како народ и држава, како и влијанието на црквата која е активно вклучена во политиката, ги тера граѓаните постојано да се прашуваат „што ќе се случи со нас ако гласам за овие или оние“ и да стравуваат јавно да го искажат својот став.

Стотината гевгеличани кои го поддржуваат движењето Граѓани за Европска Македонија, сметаат дека граѓанските иницијативи не смеат да замрат, затоа што тогаш ќе престане да постои демократијата во Македонија.
ПРОГРАМА ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

Македонското образование е далеку од образованието во Европа!



Македонскиот систем на образование и обука покажува ниски постигнувања во однос на петте клучни репери за образование на ЕУ: (1) Лица на возраст од 18-24 години кои прерано го напуштиле образованието; (2) Ученици со ниски постигнувања во читање со разбирање на ПИСА тестирањето; (3) Лица на возраст од 20 до 24 години со завршено средно образование; (4) Дипломирани студенти по математика, природни науки и технологија на 1000 млади на возраст од 20-29 години и (5) Учество на возрасните на возраст од 25до 64 години во доживотното учење.

Македонските образовни политики се неконзистентни, иницирани се набрзина и се водени само од желбата на Владата да „испорача“.

Република Македонија се соочува со мал опфат на децата во предучилишна возраст (20.5% бруто стапка во 2004/05 година), со загрижувачка вертикална мобилност и осипување на учениците во основното и средното образование. Не се применува доследно дополнителната настава предвидена со Законот за основно образование, додека реформите во стручното образование, како и во образованието за возрасните, се одвиваат многу бавно.

Квалитетот на иницијалното образование на наставниците е се уште на ниско ниво и не е усогласено со предизвиците на современите образовни процеси. Дури 83% од македонските ученици постигнаа исклучително ниски резултати (под ниво 3 на меѓународниото ПИСА тестирање спроведено во 2000 г.) што укажува на тоа дека тие не се во состојба да функционираат на едно „модерно“ работно место.

Дискутабилна е исплатливоста и исполнувањето на условите за квалитет на дисперзираните студии, и на новоотворените факултети низ државата.

Македонија нема стратегија за доживотно учење, нема национална рамка за квалификации, а Законот за образование на возрасни доцни со своето спроведување. Националната агенција за европски програми и мобилност доцни со добивањето акредитација, а останува отворено и прашањето како националните тела за обезбедување квалитет во високото образование ќе ги исполнат стандардите за да бидат регистрирани во Европскиот регистер на агенции за евалуација.

Ова се само дел од наодите на документот за јавни политики: „Долг е патот до општество базирано на знаење: Македонското образование во светло на реперите и индикаторите за „Образование и обука 2010“ Програма за работа на Европската Комисија“, спроведено од Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ).

Овој документ ги истражува постигнувањата на македонскиот систем за образование и обука во однос на петте репери за образование на ЕУ; нуди спроредбени податоци за постигнувањата, но и за образовните политики и практики на ЕУ-27 и на другите земји од регионот на Југоисточна Европа, ги анализира сегашните политики и состојби во македонскиот систем на образование и обука и дава препораки за нивно подобрување.

Бидејќи целта на овој документ е да обезбеди максимална подршка за зајакнување на европската перспектива на образованието во Македонија, ФИООМ меѓу другото и препорачува на Владата:

• Да ги усогласи сите национални документи важни за пристапувањето кон ЕУ со образовните политики на Унијата и со Болоњската декларација;
• Да преземе конкретни мерки за обезбедување целосен опфат во основното и средното образование;
• Да инвестира во области што ќе имаат долготрајно и одржливо влијание врз квалитетот на образованието, особено во предучилишното образование и реформирање на иницијалното образование на наставниците;
• Да ја повлече одлуката за екстерно оценување на учениците, а наместо тоа да се вклучи во меѓународното ПИСА тестирање чии резултати треба да ги искористи за идентификување на клучните проблеми во образованието и во креирањето политики за нивно надминување;
• Да го зголеми финансирањето на високото образование и истражувањето;
• Да ја преиспита својата одлука за отварање нови дисперзирани студиски програми и наместо тоа да ги забрза реформите и да го подобри квалитетот на студиите во веќе постојните универзитети;
• Да креира одржлив систем за образование на возрасни и да подготви сеопфатна стратегија за доживотно учење.
ПРАВНА ПРОГРАМА


Уставниот суд го потврди укажувањето на ФИООМ за постоење дискрециони и неуставни одредби во Законот за постапување со претставки и предлози

Фондацијата Институт отворено општество – Македонија (ФИООМ), сметајќи го донесувањето на Законот за постапување по претставки и предлози како еден од клучните закони со кој се регулира начинот на којшто граѓаните комуницираат со органите на државната власт и локалната самоуправа, а со цел остварување на своите интереси, во јануари 2008 година достави допис до сите пратеници во Собранието на Република Македонија преку којшто укажа на бројни недоследности на тогашниот Предлог-закон за постапување по претставки и предлози. Тогашниот пратенички состав не успеа да го усвои споменатиот Предлог-закон, но текстот се најде непроменет на седница на штотуку оформениот пратенички состав и во јули 2008 година беше изгласан од страна на пратениците. Иако голем дел од пратениците кои гласаа за донесување на Законот, ги имаа добиено забелешките на ФИООМ како пратеници на претходниот парламентарен состав и иако министерот за правда и претседателот на Владата останаа непроменети и по изборите во јуни 2008 година, никој од споменатите не најде за неопходно да ги земе предвид укажувањата за неуставност на одредбите на Законот за постапување по претставки и предлози.

Меѓу другото, ФИООМ во својот допис укажа дека: „ Во членот 8 сметаме дека одредбата за непостапување по претставки, односно предлози со „навредлива содржина“, е исклучително слободна, дискрециона и недопуштена категорија. Наше мислење е дека тука треба да се следи Уставот на РМ, и тоа член 24, што уредува дека граѓанинот не може да биде повикан на одговорност, ниту да трпи штетни последици за ставовите изнесени во претставките, освен ако со нив не сторил кривично дело“.

На седница одржана на 15.04.2009 година, Уставниот суд донесе одлука по однос на иницијативата на г- дин Стамен Филипов, со којашто го укина член 8 став 2 од Законот за постапување по претставки и предлози. Меѓу другото, во својата одлука објавена во Службен весник на РМ, број 56/09, Уставниот суд укажува дека својата одлука ја носи врз основа на следниве аргументи „... Според членот 24 од Уставот, секој граѓанин има право да поднесува претставки до државните органи и други јавни служби и на нив да добие одговор.

...Анализирајќи ја оспорената одредба од Законот, произлегува дека одредбата дава право на органот слободно да цени што претставува навредлива, а што не е тоа, и во зависност од слободната проценка да не постапува по претставката, односно да не дава одговор заради карактерот на содржината која ја оценил како навредлива надвор од постоењето на нормирани објективизирани критериуми за тоа и само во рамки на индивидуалните оцени на органот како го сфатил текстот на претставката. Со оглед на тоа, а имајќи предвид дека оспорената одредба е непрецизна, недоволно дефинирана и недоволно определива, се создава простор за арбитрерност и различно и неконзистентно постапување кон поднесените претставки и предлози, а со тоа граѓаните да добиваат или да не добиваат одговор врз основа на тоа што содржината или ставовите во претставката се сметале за навредливи од страна на органот.

Имајќи ја предвид уставната позиција за слободите и правата на граѓаните која се однесува на слободата на уверувањата, мислата и јавното изразување на мислата и правото да се поднесуваат претставки и на нив да се добие одговор, а граѓанинот да не трпи штетни последици за ставовите, освен ако со нив не сторил кривично дело, Судот утврди дека оспорената одредба од Законот не е во согласност со наведените уставни определби...“

Фондацијата Институт отворено општество – Македонија препорачува:

• Фактичкиот след на настаните и големиот број законски одредби што во последно време од страна на Уставниот суд се прогласувани за неуставни, е една дополнителна причина за подобрување на консултативниот процес на донесување закони и учество на различни засегнати страни во истиот.
Пратениците во Собранието на РМ да пристапат професионално и совесно во процесот на донесување на законите и притоа да посветат внимание на предлозите што пристигнуваат од претставниците на граѓанскиот сектор. Иако во практиката во сосема мал број се јавува како предлагач на законите, пратеничкиот состав сепак ја носи обврската за зачувување на достоинството на институцијата Собрание на РМ, чиешто достоинство се чини нарушено со досега невиденото темпо на укинување и поништување законски одредби од страна на Уставниот суд.

ДВИЖЕЊЕТО ГРАЃАНИ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА НА ТРИБИНА ВО РЕСЕН

Граѓанските акции треба да бидат коректив на власта



Иницијаторите на движењето Граѓани за Европска Македонија (Мерсел Биљали, Никола Гелевски, Владимир Милчин и Роберто Беличанец), на 15 мај 2009, во салата на општина Ресен, разговараа со граѓаните за актуелните проблеми и за европските перспективи на Македонија.

За граѓаните, присутни на трибината, патот на Македонија, без дилема, е европска интeграција и економски развој. Граѓаните констатираа дека чекајќи да влеземе во ЕУ и НАТО, во економски нестабилна Македонија колабираа сите системи на вредности.

Како и на сите досегашни трибини, граѓаните упорно ги поставуваат прашањата, зошто во вакви услови не се огласува македонската интелектуална елита, каде е МАНУ, каде се професорите и академиците, каде е македонскиот бизнис сектор.

Во услови кога државата се соочува со нерешеното прашање за името и се поизразената економска нестабилност, влезот во ЕУ и НАТО значи прифаќање на систем на вредности и процедури кои се гаранција за нови инвестиции.

Учесниците на трибината сметаат дека дел од вината за состојбата во која се наоѓаме припаѓа и на граѓаните, кои уплашени да се спротивстават и да ги корегираат властите, стануваат соучесници. Младите кои растат во атмосфера на апатија, цинизам и песимизам, мислат дека доколку не се партиски членови не можат да постигнат ништо. Граѓаните сметаат дека уште поголем проблем од стравот претставува чувството на беспомошност.

За присутните ресенчани, поддржувачи на движењето Граѓани за Европска Македонија, моменталната состојба во Македонија е кулминација на подаништво и резигнација. Единствен пат да се излезе од оваа стапица е јакнењето на духот на независноста, солидарноста и поддршката на граѓанските акции кои треба да бидат коректив на сите власти.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА

Отворена и емотивна дебата во Кичево



Во саботата караванот на АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА беше во Кичево, каде што ја имавме веројатно најотворената дебата и дебатата со најповеќе емоции досега. Во Кичево се сретнавме со пријатни луѓе кои сакаа со нас да ги споделат своите погледи на процесот на пристапување на Република Македонија во Европската унија.

Љубопитните кичевчани не пречекаа во голем број во речиси преполнетата Банкет сала на хотелот УНИОН, а специјален гостин на дебатата беше Н.Е. г-дин Роберт Кирнаг, амбасадор на Словачка во Република Македонија. На дебатата учествуваше и г-нот Благоја Деспотовски-Ташко, градоначалник на општина Кичево. Г-нот Кирнаг во своето воведно обраќање се фокусираше на процесот на пристапување на Словачка во Унијата, на сличностите помеѓу двете држави, како и на она што тој го нарекува предност за Македонија, фактот дека во помалите држави реформите, односно промените поедноставно се случуваат. Тој, исто така, истакна дека Европската унија не е тука за да ги разрешува проблемите на државите-членки и државите-кандидати, туку да помогне државите да дојдат до решенијата кои произлегуваат од заедничката работа на нивните граѓани. Г-нот Деспотовски-Ташко, од друга страна, се фокусираше на вклученоста на општините во процесот на пристапување, особено на вклученоста на сите етнички заедници кои живеат во Македонија.

Во текот на дискусијата беа покренати повеќе прашања, но сите главно се фокусираа на спорот за името со Република Грција, при што најголемиот дел од присутните беа согласни дека националниот идентитет е еднакво важно прашање како и самото пристапување во членство во Унијата. Бидејќи Кичево е мулти-етничка и мулти-културна заедница, очекувано беше да се постави и прашањето за интегрирањето на малцинските заедници, при што особено внимание се посвети на интегрирањето на Ромите. Втората сесија од настанот беше главно фокусирана на дебата околу Програмите на Заедницата и другите типови на помош кои Европската унија ги обезбедува за Република Македонија, а кои можат да бидат користени од граѓаните.

Во наредната недела караванот ќе ги посети, најпрвин, во четврток, Дебар, каде што во Домот на културата ќе моќе да се дебатира со Н.Е. г-нот Ерван Фуере, шеф на мисијата на ЕУ и г-дин Аргетим Фида, градоначалник на општина Дебар. Караванот понатаму ќе продолжи во Струга на 23 мај, 2009 година.
Правна програма: ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА


И по изминати три години од примената на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер 63% од граѓаните не знаат дека постои законот

Фондацијата Институт отворено општество - Македонија ќе одржи прес-конференција во просториите на НВО Инфоцентарот, денеска (четврток) 14 Мај 2009 година, со почеток во 11:00 часот. На прес-конференцијата, ќе бидат презентирани  резултати од Истражувањето за перцепцијата на граѓаните во Република Македонија за остварувањето на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер и оцената на имателите на информации за примената на правото.

Истражувањето беше изведено во два дела: (а) квалитативно истражување преку две фокус групи (општа популација и службени лица од кај имателите на информации) и (б) квантитативно истражување на национално репрезентативен примерок од 1009 испитаници и 50 професионалци – иматели на информации. Истражувањето беше спроведено од професионалната агенција Brima Gallup во периодот јануари-март 2009 година. Дел од резултатите на Истражувањето укажуваат дека:

• ТРИ ГОДИНИ ПО ДОНЕСУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ, МНОЗИНСТВОТО (63%) ОД ГРАЃАНИТЕ НЕ ЗНААТ ДЕКА ПОСТОИ ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР

• 9 ОД 10 ГРАЃАНИ СМЕТААТ ДЕКА Е ПОТРЕБНА КАМПАЊА ЗА НИВНО ЗАПОЗНАВАЊЕ СО ПРАВАТА И МОЖНОСТИТЕ ОД ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ

• НЕМАЊЕТО ДОВЕРБА ВО ИНСТИТУЦИИТЕ И НИВНАТА ИНЕРТНОСТ СЕ БАРИЕРА ВО ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИТЕ ОД ЈАВЕН КАРАКТЕР, СМЕТААТ ДУРИ 81% ОД ГРАЃАНИТЕ. АЛБАНЦИТЕ ИМААТ НАЈГОЛЕМА ДОВЕРБА ВО ИНСТИТУЦИИТЕ, НАСПРОТИ ОСТАНАТИТЕ ЗАЕДНИЦИ КОИ ИМААТ МАЛА ДОВЕРБА.

• ЗА ГРАЃАНИТЕ ПОСТОЕЊЕТО НА ЗАКОНОТ Е ОД ОСОБЕНА ВАЖНОСТ

• ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЗАКОНОТ ПРЕТСТАВУВА МОЖНОСТ НА ВИДЕЛИНА ДА ИЗЛЕЗАТ ПРОБЛЕМИТЕ И АНОМАЛИИТЕ ВО РАБОТЕЊЕТО НА ИНСТИТУЦИИТЕ

• КОНСЕНЗУС МЕЃУ ГРАЃАНИТЕ И СЛУЖБЕНИТЕ ЛИЦА ДЕКА ПРИСТАПОТ ДО ИНФОРМАЦИИТЕ ТРЕБА ДА БИДЕ БЕСПЛАТЕН

• ПОВЕЌЕ ОД ПОЛОВИНА ОД ГРАЃАНИТЕ, КОИ ЗНААТ ЗА ЗАКОНОТ, НЕ ЗНААТ ДЕКА ПОСТОИ КОМИСИЈА ЗА ЗАШТИТА НА ПРАВОТО ЗА СЛОБОДЕН ПРИСТАП ДО ИНФОРМАЦИИ, КОЈА Е ВТОРОСТЕПЕН И НЕЗАВИСЕН ОРГАН

• ПОВЕЌЕ ОД 2/3 ОД ГРАЃАНИТЕ (68%) НЕ ГИ ПРЕПОЗНАВААТ ВЛАСТИТЕ ВО ДРЖАВАТА КАКО ИМАТЕЛИ НА ИНФОРМАЦИИ И НЕ ЗНААТ КАДЕ СЕ ПОДНЕСУВААТ БАРАЊАТА (70%)

• ЧЕТИРИ ПАТИ ПОВЕЌЕ „КРАЈНО НЕЗАДОВОЛНИ ГРАЃАНИ“ ВО ОДНОС НА „МНОГУ ЗАДОВОЛНИТЕ“ ОД ОДНОСОТ СЛУЖБЕНИТЕ ЛИЦА

• 94% ОД ГРАЃАНИТЕ КОИ ИМААТ ИСКУСТВО СО ЗАКОНОТ, СМЕТААТ ДЕКА ЕДИНСТВЕНА ПРИЧИНА ЗА ДОЛГОТО ТРАЕЊЕ НА ПОСТАПКАТА Е ИНЕРТНОСТА НА ИНСТИТУЦИИТЕ. СПРОТИВНО ОД НИВ, СЛУЖБЕНИТЕ ЛИЦА НЕИНФОРМИРАНОСТА НА ГРАЃАНИТЕ ЈА СМЕТААТ ЗА ГЛАВНА СЛАБОСТ ВО ИМПЛЕМЕНТАЦИЈАТА НА ЗАКОНОТ. 

Анализа за ФИООМ (.doc, 244 KB)

Презентација од прес-конференцијата (.doc, 710 KB)

Истражување јан-март 2009 (.doc, 1.16 МБ)
ДВИЖЕЊЕТО ГРАЃАНИ ЗА ЕВРОПСКА МАКЕДОНИЈА НА ТРИБИНА ВО ГОСТИВАР

Само активен граѓански сектор може да влијае врз власта



Иницијаторите на Движењето Граѓани за Европска Македонија (Мерсел Биљали, Никола Гелевски и Владимир Милчин) и поддржувачите Џевдет Хајредини и Дамјан Здравев, синоќа (среда, 13 мај 2009), во Центарот за култура во Гостивар, разговараа со граѓаните на Гостивар за актуелните проблеми и за европските перспективи на Македонија.





Учесниците констатираа дека македонскиот граѓански сектор е во стагнација, дека е под притисок на власта и дека е пасивен. Од една страна, политичките партии ја убиваат граѓанската иницијатива, а од друга страна, невладините организации, сакајќи да ги избегнат партиските етикети, бегаат од политичките прашања и се занимаваат со „безболни“ теми. Сегашната состојба на безбојност и плашливост во граѓанскиот сектор е резултат на тоа што граѓанските активисти, премолчено се согласија дека решавањето на политичките прашања е монопол на политичките партии и им го препуштија просторот за политичко дејствување.

Учесниците на дебатата беа едногласни во констатацијата дека единствено обединет и активен граѓански сектор може да изврши влијание врз власта. Граѓаните треба да бидат солидарни за да можат заедно да го надминат стравот и да ја натераат власта да биде одговорна.

Во услови на лоша економска состојба, стагнација во евроатлантските процеси, етничка, па дури и територијална поделба, симптоматично е тоа што Албанците во Македонија не изразуваат револт за ваквите состојби. Причината за молчењето, учесниците на дебатата, ја гледаат во тоа што луѓето стравуваат јавно да го искажат својот став. Во услови кога дури и семејните односи се исполитизирани, за граѓаните е полесно да чекаат некој друг нешто да стори. Ваквото однесување не е карактеристично само за обичниот граѓанин, туку, за жал, и за интелектуалците. Гостиварчани се прашуваат зошто Македонската академија на науки и уметности, по ниту едно актуелно прашање не излезе со свој став, а посебно забележуваат што не реагира дури ни на антиквизацијата на историјата.

Педесетината присутни граѓани, поддржувајќи го Движењето Граѓани за Европска Македонија, истакнаа дека во услови на тоталитарна власт, која од еден центар на моќ сака се да контролира, ваквите иницијативи се можеби единствена можност граѓаните да го искажат својот став.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА ВО ПРИЛЕП


Акција за Европа, на 14 мај, 2009 година, организираше дебата во Прилеп, на која присуствуваа Алојз Краут, амбасадор на Австрија во Република Македонија и Марјан Ристески, градоначалник на општина Прилеп.

Амбасадорот Краут, во своето обраќање се осврна на тековниот процес на децентрализација во Република Македонија, подвлекувајќи дека е особено важно да се зајакне финансиската независност на општините од централната власт и дека за тоа е потребно да се научи како да се користат средствата од ЕУ. Тој, исто така, нагласи дека фискалната децентрализација е клучна за целиот процес на децентрализација.

Присутните граѓани своите дискусии најмногу ги насочија кон евроинтеграциските процеси на Македонија и актуелната надворешна политика на државава. Особено интензивна беше дискусијата за спорот за името со Грција, за визната либерализација, и за мулти-етничкиот и мулти-кулутурниот карактер на Македонија.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА

Потребна е европеизација на македонското општество



Фондацијата Институт отворено општество-Македонија (ФИООМ), во партнерство со Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Младинскиот образовен форум (МОФ) вчера, 12 мај 2009 година, во хотелот Холидеј Ин во Скопје, во рамките на проектот Акција за Европа, го организираше целодневниот настан Ден II – Нашите европски пријатели.

На настанот, пред за жал малобројната публика, се одржаа две дебати и една информативна сесија.

На првата дебата на тема „Македонија и Европската Унија, говореа Н.Е. г-дин Јожеф Браун, амбасадор на Чешката Република, г-дин Коце Трајановски, градоначалник на град Скопје и г-ѓа Лидија Димова од Македонскиот центар за европско образование.

Во втората дебата „Придобивките/предизвиците на Македонија во Европската Унија – младинска перспектива“ учествуваа дебатерите од дебатниот клуб на Младинскиот образовен форум, додека на информативната сесија, членовите на Македонскиот центар за европско образование одговараа на прашањата на публиката, на теми поврзани со ЕУ кои се наметнаа за време на дебатите.

Една од главните теми кои ги наметна публиката беше и неопходноста од европеизација на македонското општество, и прифаќањето на европските вредности, вредности кои беа составен дел од нашето општество, но исчезнаа во периодот на транзиција. Учесниците заклучија дека евроинтеграцискиот процес не смее да се сведе на политика и техникалии, туку мора да ги вклучи сите сектори на граѓанското општество.

Прашањето за визната либерализација, според учесниците, е позитивен процес, но не смее да се наметнува од страна на македонските политички структури како еден од најголемите приоритети во евроинтегративниот процес.
Движењето Граѓани за Европска Македонија на трибина во Охрид

Граѓаните треба да живеат во реална демократија, а не во диктатура



Иницијаторите на Движењето Граѓани за Европска Македонија (Мерсел Биљали, Никола Гелевски, Владимир Милчин, Роберто Беличанец) и поддржувачите Ирена Стефоска и Дамјан Здравев, на 8 мај (петок), во салата на Советот на Општина Охрид, повеќе од два часа разговараа со граѓаните на Охрид за проблемите и перспективите на Македонија.



Учесниците истакнаа дека Македонија наместо да живее во масовна хистерија, родена од идентитетската криза, треба да биде пристојно место за живеење со право на сигурност и безбедност на сите нејзини граѓани. Секојдневните притисоци врз Уставниот суд се само уште една потврда дека во Македонија постои своевиден фашистички марш врз институциите и дека Владата се обидува на секаков начин да го дискредитира секое мислење кое се противи на нејзините политики. Таа се обидува да ги исплаши луѓето и врз основа на верските и етничките поделби на граѓаните да завладее во тоталитаристички манир. Но македонските граѓани имаат право да живеат во реална демократија, а не во диктатура.

Споменикот на Александар Македонски е скандал од историски размери, нагласија учесниците и заклучија дека наместо да се повикуваме на минатото, треба да се бориме за нашата европска иднина, и токму овде и сега да ја создаваме Европа.

На петочната дебата, Охриѓани рекоа дека постојано слушаат за успесите на Владата, но дека реалноста е сосема поинаква. Македонија го допира дното, граѓанската свест ја нема, а солидарноста меѓу луѓето е на најниско можно ниво. Според нив, сите вредности и принципи се измешани и во такви услови победуваат и владеат кочничарите на развојот на Македонија. Затоа, на крајот тие загрижено се запрашаа: Каква ќе биде иднината на Македонија доколку не се реши проблемот со името и доколку Македонија не влезе во ЕУ?

Граѓаните на Охрид го поддржуваат Движењето за Европска Македонија, иако, за дел од нив, оваа иницијатива претставува донкихотовска битка за демократијата.
АКЦИЈА ЗА ЕВРОПА

ДЕН II – НАШИТЕ ЕВРОПСКИ ПРИЈАТЕЛИ



ГРАД

АМБАСАДОР НА ЗЕМЈА ЧЛЕНКА НА ЕУ

ДАТУМ

ДЕЛЧЕВО

НЕ Г-дин Михо Михов
Амбасдор на Република Бугарија

24 април

СТРУМИЦА

НЕ Г-дин Ференц Кекеси
Амбасадор на Унгарија

27 април

ГЕВГЕЛИЈА

НЕ Г-дин Миливој Бутинар
Заменик Амбасадор на Република Словенија

29 април

НЕГОТИНО

НЕ Д-р. Роберт Кирнаг
Амбасадор на Република Словачка

5 мај

ВЕЛЕС

НЕ Г-дин Дариуш Карол Бaхура
Амбасадор на Полска

7 мај

ШТИП

Г-дин Зоранчо Митревски
Почесен конзул на Латвија

9 мај

СКОПЈЕ

НЕ Г-дин Јозеф Браун
Амбасадор на Република Чешка

11 мај

ПРИЛЕП

НЕ Г-дин Алоис Краут
Амбасадор на Австрија

14 мај

КИЧЕВО

НЕ Д-р. Роберт Кирнаг
Амбасадор на Република Словачка

16 мај

ДЕБАР

НЕ Г-дин Ерван Фуере
Амбасадор на Мисијата на ЕУ во РМ

21 мај

СТРУГА

НЕ Г-дин Адриан Стефан Константинеску
Амбасадор на Романија

23 мај

РЕСЕН

НЕ Г-ѓа Александра Пападополу
Амбасадор на Канцеларијата за врски на Грција

26 мај

БИТОЛА

НЕ Г-дин Бернард Валеро
Амбасадор на Франција

29 мај

КРАТОВО

НЕ Г-дин Дариуш Карол Бахура
Амбасадор на Полска
г-а Соња Бонет
Секретар за односи со јавност на Германската амбасада

1 јуни



Преземете ја програмата за работа (.PDF, 68 KB)

Фотографии од настаните

Преземете ги сликите од Делчево (.PDF, 328 KB)

Преземете ги сликите од Гевгелија (.PDF, 269 KB)

Преземете ги сликите од Струмица (.PDF, 303 KB)

Преземете ги сликите од Штип (.PDF, 1.7 MB)
ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Судските пресуди и понатаму остануваат недостапни за јавноста













Македонското здружение на млади правници, Скопје одржа прес-конференција на 08 Мај 2009 година.

На прес-конференцијата, беше презентиран Месечниот извештај за состојбата на остварувањето на слободниот пристап до информациите од јавен карактер во Република Македонија во месец Април во рамките на проектот: „Промовирање и заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер во Република Македонија“, поддржан од Фондацијата Институт отворено општество - Македонија. Овој извештај ги опфаќа резултатите од спроведеното набљудување на слободниот пристап до судските пресуди, односно негативниот пристап на судовите во РМ при остварувањето на правото на слободен пристап. Дополнително извештајот дава информации за исчекорот во одлучувањето на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер во врска со оставрувањето на правото на слободен пристап до пресудите.

Преземете го Месечниот извештај (.pdf 185KB)
ПРЕС-КОНФЕРЕНЦИЈА

Прв извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ
(15 ноември 2008 - 31 март 2009)



ВЛАДАТА ТРЕБА 24/7 ДА СЕ ПОСВЕТИ НА ЕУ АГЕНДАТА

Pres konferencija Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО) и Фондацијата Институт отворено општество Македонија (ФИООМ), го објавија денеска првиот Извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ, изработен во рамки на проектот Accession Watch.

Генералните забелешки и препораки, поместни во првиот извештај, се резултат на анализата и следењето на исполнувањето на клучните приоритети од Пристапното партнерство, во периодот од 15 ноември 2008 до 31 март 2009 година.



Преземете го извештајот:

Прв извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ (.pdf 1MB)

Преземете ја англиската верзија (.pdf, 713 KB)


Медиумско огледало - Архива
Архива на Медиумско огледало


Архива 2009
Архива на настани и новости 2009


Архива 2008
Архива на настани и новости 2008


Архива 2007
Архива на настани и новости 2007


Архива 2006
Архива на настани и новости 2006


Архива 2005
Архива на настани и новости 2005


Архива 2004
Архива на настани и новости 2004

 
назад  
 

     © Copyright 2004, Foundation Open Society Institute - Macedonia. Web site developed by Metamorphosis - Foundation for sustainable ICT solutions